
Народната банка утре ќе го објави бројот на инвестиции во 2024 година со извонредна, голема, историска реализација од мај наваму. Ќе бидеме земја со најголем број странски инвестиции по глава на жител во регионот, изјави попладнево премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на пратенички прашања.
За годинава, рече, имаме ни помалку ни повеќе туку 15 инвестиции, но бројката се зголемува.
„Ќе бидете сведоци на објавувањето на камен-темелниците и почетокот на производството на дел од странските директни инвестиции. Но, да не ги потценуваме домашните инвестиции кои ќе почнат со унгарскиот заем“, рече Мицкоски.
Во однос на турската компанија „Казанџи холдинг“, премиерот информира дека не е само оваа компанија заинтересирана за влез во Македонија кога станува збор за изградба на когенеративни централи, туку има, како што рече, и неколку други.
„Казанџи холдинг е само една од неколкуте компании кои изразија желба да инвестираат. Овие инвестиции за кои преговараме се базираат исклучиво на пазарните услови: струјата што ќе се произведува ќе се продава на слободен пазар, цената на топлинската енергија ќе се регулира со одлука на Регулаторната комисија, а изворот е одговорност на инвеститорот. „Оваа Влада нема да каже кој ќе го гради, зошто тој, која е причината, кој ќе го гради далноводот… и затоа се разликуваме од нашите претходници“, потенцира Мицкоски.
Според него, ќе треба време, три до пет години, за да се почувствува ефектот на почист воздух од капацитетите што планира да ги изгради „Казанџи холдинг“.
„Чудата се невозможни, жалам што досега ништо не е направено во оваа насока, да им се обезбеди енергија на граѓаните за затоплување на домовите, што ќе биде еколошки“, потенцира Мицкоски.
Двете прашања до премиерот ги достави Бети Стаменкоска Трајкоска од ВМРО-ДПМНЕ.