
Изборот на јавниот обвинител да се врши согласно уставот, а не врз основа на неговата партиската определба, вели за Алсат универзитетскиот професор по кривично право Митасин Беќири за иницијативата на владата за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Беќири смета дека ова е можно иако досегашна пракса покажува дека најголем дел од јавните обвинители беа избрани по предлог на владејачката партија.
„Секоја влада оди со свои обвинители што не е во ред. Првично јас сум поддржувач на тоа изборот да се врши законски, а не едната гарнитура еден обвинител, па ќе дојде другата ќе го разреши тој и ќе стави по нивна желба обвинител, тоа не е во ред. Дали сме способни ние како држава, како општество, да се справиме со овој вид на лошитулук? Да, сме способни, но кога ќе одиме со почитување на законските прописи“, вели Беќири.
За да се постигне независност во правосудството партиите на власт треба да започнат од расчистување на сопствениот двор, смета Беќири.
„Кога ќе се оди со еден чекор да се оди прво во својот двор да се чисти. Ако почнува ВМРО да се справува, ќе се справи прво со своите кадри, а не со кадрите од поранешната гарнитура. Кога ќе започне ВРЕДИ, да речеме, не да се справува со гарнитурата на ДУИ туку со својата гарнитура, тогаш кога ќе го чистиме прво својот двор тогаш сме се справиле со лошото, со криминалитетот“, вели Беќири.
Како една од причините Коцевски да биде разрешен владата го наведе токму партиското влијание – обвинувајќи дека тој не ги гонел криминалите на претходната влада. Од независноста до денеска во земјава имаше вкупно девет јавни обвинители, а речиси секој еден од нив го следеа контроверзи дека постапува по наредбите на извршната власт. Иако начинот за избор на државниот обвинител неколкупати беше менуван, партиите секогаш наоѓаат модалитети при селекцијата да остане нивниот посакуван кандидат.
Предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски треба да стигне од Министерството за правда кое го доставува до Владата, а таа до советот на јавни обвинители. Последниот збор за неговото разрешување ќе го имаат пратениците.
Михајло Донев