
Преговорите за обновување на договорот, кој истекува на 30 јуни 2026 година, не само што не дадоа резултат, туку и се замрзнати. Понудата лани во септември, потпишана од Џунтоли, предвидуваше намалување на платата од 12 милиони евра колку што моментално ја добива на 8-9 милиони евра по сезона, со продолжување на договорот до 2030. Предлог кој воопшто не го убедил неговиот агент Ристиќ, пишува „Тутоспорт“.
Влаховиќ, според тоа, се очекува да си замине на крајот на сезоната. Но, каде ќе оди? Не во Саудиска Арабија која во јануари му понуди 3-годишен договор вреден 20 милиони евра по сезона. Душан сака да продолжи да игра во елитниот фудбал, истиот мотив што го натера да ја одбие понудата од Фенербахче на Мурињо, кои го посакуваат за следната сезона како наследник на Един Џеко, кој во март полни 39 години и му истекува договорот.
Неговиот сон останува Премиер лигата, каде што може да продолжи да ја заработува сегашната плата и да се натпреварува на највисоко ниво. Сепак, пред да замине, тој има за цел да ја заврши сезоната на најдобар можен начин, помагајќи му на Јуве да обезбеди место во Лигата на шампионите и, можеби, повторно да го подигне Купот на Италија.