
Во Центарот за јавно здравје во Куманово е потврден случај на шуга во ОУ „Кирил и Методиј“ во кумановското село Романовце. Епидемиологот Едита Рамизи за Алсат изјави дека во моментов нема место за паника, додека родителите на сите ученици кои во понеделникот отсуствуваа биле анкетирани за да се дознае дали отсуството е поради здравствени проблеми. Рамизи ги повика родителите да се обратат до здравствените установи доколку забележат промени на кожата на нивните деца.
„Заклучно денеска, имаме само еден случај со шуга. Им пренесовме на родителите за здравствената состојба на учениците бидејќи тие се малку позагрижени и констатиравме дека на ниту еден од 36-те ученици кои вчера отсуствуваа нема случаи кои се карактеристични за шуга“, рече Едита Рамизи, епидемиолог.
Алсат го посети основното училиште „Кирил и Методиј“ во село Романовце каде наставата се одвиваше нормално. Директорот Скендер Рушити рече дека дезинфекцијата и хигиената на училиштето се врши според препораките на Центарот за јавно здравје.
„Го направивме процесот на дезинфекција. Сите наставници кои работат овде се будни, како и ние како раководители, но и стручната служба. Училиштето е опремено, дезинфицирано, редовно се чисти, не само затоа што сме имале аларм или слично“, рече Скендер Рушити, директор на училиштето „Кирил и Методиј“ с. Романовце.
Според податоците на Институтот за јавно здравје, во текот на 2025 година, заклучно со 31.01.2025 година, регистрирани се 28 лица заболени од шуга во однос на минатата година кога во истиот период биле регистрирани исто толку заболени. Шуга е регистрирана кај 493 лица во 2024 година, што е за 46,3 отсто повеќе во споредба со 2023 година кога имало 337 заболени и 48,5 отсто повеќе од 10-годишниот просек од 2014-2023 година, кој изнесувал 332. Во 2024 година најголем број заразени со шуга има во Скопје, со вкупно 182, Куманово 108 и Гостивар 101./Алсат.мк
Мелихате Рустеми