
Во случај на конфликт со Русија, Европа без помош на САД ќе мора да мобилизира 300.000 дополнителни војници. Исто така, за ефикасно да се спротивстави на руската воена моќ, би биле потребни значителни инвестиции во областа на одбраната, кои, според анализата на бриселскиот истражувачки институт „Бројгел“ и Килскиот институт за светска економија (IFW), би изнесувале околу 250 милијарди евра годишно.
Зголемувањето на трошоците за одбрана е неопходност
Авторите на студијата проценуваат дека европските земји ќе треба да создадат околу 50 дополнителни бригади со вкупен број од 300.000 војници. Потребни се и најмалку 1.400 нови тенкови и 2.000 пешадиски борбени возила, бројка што ги надминува сегашните резерви на сите германски, француски, италијански и британски копнени сили, пренесува ДВ.
Истражувачите предлагаат европските трошоци за одбрана да се зголемуваат годишно од сегашните два проценти на 3,5 до четири проценти од економското производство. За Германија, како најголема европска економија, зголемувањето од 3,5 отсто би значело зголемување на трошоците за национална одбрана од 80 на 140 милијарди евра.
Трошоците за одбрана како економски стимул
Масовните инвестиции во одбранбениот сектор можат да ги поттикнат националните економии. Ова е заклучокот од студијата на консултантската куќа EY и Дека банка. Инвестициите во воена опрема главно ќе имаат корист за металната индустрија, давателите на услуги како што се транспортните и логистичките компании, трговијата со метали и истражувачките институти, пишуваат авторите. Позитивното влијание на пазарот на трудот исто така ќе биде „огромно“.