Европската комисија подготви Стратегија за подготвеност која има за цел да ги поддржи земјите-членки и да ја зајакне способноста на Европа да ги спречи и одговори на новите закани, со цел да ги подобри капацитетите на блокот „да се справи со сè покомплексните кризи и предизвици кои не можат да се игнорираат“.
„Од зголемени геополитички тензии и конфликти, хибридни и сајбер-безбедни закани, манипулации и дезинформации од странство, до климатски промени и зголемени природни катастрофи, ЕУ мора да биде подготвена да ги заштити своите граѓани и клучните општествени функции кои се од суштинско значење за демократијата и секојдневниот живот“, објави Европската комисија.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Стратегијата опфаќа околу 30 клучни активности и детален акционен план за унапредување на целите на Европската унија за зајакнување на нејзината подготвеност, како и развивање на „култура на подготвеност“ во сите политики на ЕУ.
Меѓу главните цели наведени во стратегијата се почитувањето на минималните стандарди за подготвеност на институциите кои обезбедуваат основни услуги, како што се болниците, училиштата и транспортните и телекомуникациските компании во време на криза, подобрување на капацитетите за складирање критична опрема и материјали, како и подобрување на климатската адаптација и пристапот до критичните природни ресурси, како што е водата.
Понатаму, меѓу целите на Стратегијата е и поголема подготвеност на населението преку охрабрување на усвојување на практични мерки, како што е обезбедување на основни средства за најмалку 72 часа во итни случаи, вклучително и обука за подготвеност во училишните програми и воспоставување Ден на подготвеност за ЕУ.
Стратегијата, исто така, предвидува формирање на кризен центар на ниво на ЕУ за координација и интегрирање на постоечките структури за одговор на кризи, одржување на редовни вежби ширум ЕУ во кои ќе бидат вклучени вооружените сили, цивилната заштита, полицијата, безбедносните структури, здравствените работници и пожарникарите и поттикнување на инвестиции во проекти со двојна употреба.
Според претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, новата реалност во светот бара ново ниво на подготвеност во Европа.
„На нашите граѓани, на нашите земји-членки и на нашите бизниси им се потребни вистинските алатки за да дејствуваат, да спречат кризи и да реагираат брзо кога ќе се случи катастрофа“, рече Фон дер Лејен.
Таа додаде дека семејствата кои живеат во поплавените зони „треба да знаат што да прават кога водите ќе се подигнат“ и дека земјите и доверливите партнери можат „да спасат животи и средства за живот“.
Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, оценува дека во ситуација кога Европа се соочува со се поголем број надворешни и безбедносни предизвици и се поголем број на хибридни закани, јасно е дека мора да биде посилна на сите фронтови и на секое ниво на општеството.
„Секогаш е подобро да се спречат кризите отколку да се справуваме со нивните последици. Целта на нашата Стратегија е да изградиме сеопфатна слика за заканите со кои се соочуваме, да ги подготвиме граѓаните, вклучително и преку подобрување на нивната свест за ризикот, зајакнување на цивилно-воената соработка и поблиска соработка со надворешните партнери, вклучително и НАТО“, рече Калас.
Според извршниот потпретседател на ЕК за социјални права и вештини, квалитетна работа и подготвеност, Роксана Манзату, оваа Стратегија е посветена на луѓето и општествата, така што сè функционира правилно кога ќе се појави криза.
„Подготвени сме да дејствуваме брзо и ефикасно, а за тоа ни треба нов начин на размислување за подготвеноста, така што секој ќе знае што да прави во случај на вонредна состојба, без оглед на нејзината природа“, рече Манзату.