
Лидерот на турската опозиција, Екрем Имамоглу, го обвини турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека ја претворил Турција во „република на стравот“ со уништување на демократските институции и потиснување на критичарите.
„Со години режимот на Ердоган се повлече од демократската одговорност, ги замолчуваше медиумите, ги замени избраните лидери со бирократи, го контролираше судството и манипулираше со изборите“, напиша Имамоглу во колумната објавена во петокот во американскиот дневен весник „Њујорк тајмс“.
Мамоглу (53), градоначалник на Истанбул, се наоѓа во затворот Мармара со висок степен на обезбедување откако беше уапсен минатата недела под обвинение за корупција.
Тој, исто така, се соочува со сомневања за извршување терористички дејствија, што тој ги негираше.
Неговото апсење во Истанбул предизвика протести низ целата земја, бидејќи илјадници луѓе излегоа на улиците, додека стотици од нив, вклучително и новинари, беа накратко приведени.
„Големите апсења на демонстранти и новинари во последниве години испратија застрашувачка порака: никој не е безбеден“, предупреди Имамоглу.
Тој, исто така, го критикуваше она што го опиша како меѓународен „молк“.
„Што е со централните влади на светот? Нивниот молк е заглушувачки“, напиша тој, наведувајќи ги реакциите на американските и европските лидери.
Неговото затворање се смета за политички потег за отстранување на клучниот противник од следната претседателска трка, во моментов закажана за 2028 година. (REL)