
По четири кола, Македонија е на третото место на табелата во групата Х со пет бода, исто толку колку и четвртопласираната Полска, додека Естонија и Литванија се на прво и второ место со по седум бодови.
„Дефинитивно сум возбуден што повторно ќе играм за нешто повеќе од тим, а тоа е држава. Се надевам дека ќе помогнам и ќе го дадеме нашиот дел да ги победиме Естонија и Полска и да видиме што ќе се случи. Чекам предизвик. Исто ми е дали ќе играм за Париз или за Македонија, ќе се обидам да помогнам“, изјави Шортс на стартот од подготовките за последните два квалификациски натпревари.
Македонија в петок ќе игра во Талин против Естонија, а три дена подоцна во Скопје против Полска.
„Не сакам да зборувам за очекувања, туку сакам да помогнам да се победува. Знам дека Естонија е млад и гладен тим за успеси. Ќе мора да имаме добра енергија, затоа што знам дека имаат одлична публика. Последен пат кога играв со Естонија во дресот на Македонија, го почувствував тоа. Ни дадоа „удар по устите“ многу рано и бевме во проблеми. Сега сакам да биде поинаку“, рече Американецот со македонски пасош.
Ти Џеј Шортс изјави дека членот на Армани Милано, Ненад Димитријевиќ, кого го нарекува Нено, е лидер на тимот и дека ќе направи се за да му помогне и да го симне товарот од него.
Репрезентацијата на Македонија синоќа во спортскиот центар „Кале“ во Скопје, ги започна подготовките за претстојните натпревари во февруарскиот „прозорец“ од квалификациите за Европското првенство, кои од 27 август до 14 септември ќе се играат во Летонија, Финска, Полска и Кипар.
Натурализираниот македонски кошаркарски репрезентативец Ти Џеј Шортс синоќа изјави дека се надева дека ќе ѝ помогне на репрезентацијата да ги победи Естонија и Полска во претстојните натпревари во квалификациите за овогодинешното Европско првенство.