Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, кој е дел од ССМ, Трпе Деаноски вчера во изјава за медиумите рече дека за првпат се носи одлука за минималната плата без консултација со работниците. Од друга страна, седница на Економско-соцојалниот совет не може да се одржи додека не се утврди репрезентативноста на ССМ која е истечена минатата година. За таа цел беше формирана Комисијата за репрезентативност, но досега во јавноста нема информација дали таа одржала состанок и каква одлука е донесена.
– Првпат Владата сама си донесе одлука откога е воведена минималната плата во 2012 година и за неа одлучи без работниците. Имавме парола пред неколку години на 1 Мај дека не смее да се одлучува без работнциите, а, Владата, за жал, на седница си донесе износ на минималната плата од 1 800 денари, без да се разговара на Економско-социјалниот совет, без да одлучат и работниците и работодавачите и Владата. Апсолутно сме незадоволни од ваквата одлука на Владата. Ги знаете нашите барања и од нив не отстапуваме, изјави Деаноски.
Од Владата тогаш изјавија дека пари за оваа намена нема и дека ќе се согласат со секое решение што ќе го договорат синдикатите и работодавачите.
Висината на минималната плата веќе подолг период е прашање околу кое се кршат копјата меѓу социјалните партнери. Сојузот на синдикати на Македонија бара минималната плата да биде зголемена за 6.000 евра имајќи ги предвид трошоците на живот, а придонесите за разликата до 30.000 денари, колку што би изнесувала минималната плата, една година да ги субвенционира Владата. ССМ доби поддршка и од Европската конфедерација на синдикати чии претставници на 14 март во Скопје изјавија дека барањата за зголемување на минималната плата се оправдани и дека минималната плата во Северна Македонија е најниска во регионот.
– Како Влада имаме обврска да го почитуваме Законот за минимална плата, кој треба да почне да се спроведува наредниот месец. Има доволно време за институциите да го пресметаат покачувањето на минималната плата, кое законски изнесува 2200 денари, рече Ристески.
Откако во вторникот на владина седница помина информацијата за утврдување на минималната плата согласно која минималната плата треба да биде зголемена за 1.800 денари, вчера Сојузот на синдикати на Македонија реагираше што ваквата одлука е донесена без договор со работниците. Од Владата велат дека овој износ е утврден согласно законските критериуми за минимална плата и дека одлуката е легитимна.
За петок е закажана седница на Претседателството на ССМ на која ќе се разгледаат идните чекори што ќе се преземат, а според информациите на ССМ за тогаш е закажана и седница на Комисијата за репрезентативност.
Во вторникот владината прес-служба информираше дека е усвоена информација за утврдување на минималната плата за 2025 применувајќи ги законски утврдените критериуми и дека таа ќе бележи пораст од 2.685 денари во бруто износ, односно 1.812 денари во нето износ.
Според заменик-министерот за економија Марјан Ристески, одлуката на Владата е легитимна и согласно закон. Тој вчера на прес-конференција во Владата рече дека минималната плата се одредува согласно податоците од Државниот завод за статистика, за што како основа се зема 50-проценти од просечната плата исплатена минатата година и 50-проценти од индексот на трошоци односно инфлацијата за претходната година.