Силниот земјотрес со јачина од 7,7 степени во Југоисточна Азија што во петокот напладне ги погоди Тајланд и Мјанмар предизвика големи штети.
Мјанмар известува дека во земјотресот загинале најмалку 144 лица. Меѓу погодените региони се Таунго, Баго, Пјавбве и Мандалај. Се известува и дека се повредени 732 лица.
Во Мјанмар е прогласена вонредна состојба во шест региони, вклучувајќи го главниот град на земјата Најпитав и градот Мандалај.
Според генералот Зав Мин Тун, портпарол на воената хунта, многу ранети пристигнуваат во болниците. Затоа, на болниците итно им требаат резерви на крв. Историските објекти се оштетуваат.
Земјотресот предизвика штета и на историските места во Мјанмар. Меѓу оштетените згради има и делови од поранешната кралска палата во Мандалеј, која се наоѓа во епицентарот на земјотресот.
Во Мјанмар поради земјотресот се урнаа мост и неколку згради. Хотел се урна во градот Аунг Бан, а спасувачките тимови велат дека многу луѓе се заробени.
Честопати е тешко да се добијат информации од Мјанмар, во кој владее авторитарна хунта.
Во Бангкок се урна зграда од 30 ката
Сè уште кружат различни бројки за тоа колку работници имало во овој објект, кој бил во изградба, во моментот на уривањето, а колку од нив останале заробени под урнатините.
Засега вицепремиерот на Тајланд Фумтам Вечајачаи потврди дека тројца работници загинале во несреќата. Во меѓувреме, новинската агенција Ројтерс објави, повикувајќи се на неидентификуван извор, дека досега има девет смртни случаи во Тајланд. Осум од овие жртви се работници кои ги загубија животите како последица од уривањето на висококатницата.
Тајландскиот премиер прогласи вонредна состојба во Бангкок.
Меѓународна помош
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш рече: „Испраќам сочувство до владите и луѓето во регионот“. Системот на ОН во регионот се мобилизира за да им помогне на луѓето на кои им е потребна, рече Гутереш.
Европската унија, САД и други земји, како што е Индија, исто така понудија помош за Мјанмар и Тајланд.
Американскиот геолошки институт и германскиот центар за геолошки науки ГФЗ известија дека земјотресот бил плиток, со длабочина од 10 километри, а неговиот епицентар, според прелиминарните податоци, е лоциран во Мјанмар.