
„Нашиот одговор ќе биде поразителен. Ова треба да му биде јасно на Владимир Владимирович Путин и на секој друг што сака да не нападне“, додаде Руте, пофалувајќи ја Полска за трошоците за одбраната, кои изнесуваат 4,7 отсто од БДП – највисок процент во алијансата.
Генералниот секретар на НАТО Марк Руте изјави дека трансатлантската воена алијанса ќе одговори со полна сила во случај на каков било напад. „Кога станува збор за одбраната на Полска и општо на територијата на НАТО, ако некој погрешно пресмета и мисли дека може да ја нападне Полска или кој било друг сојузник и да се извлече од тоа, ќе се соочи со целата сила на овој моќен сојуз“, рече Руте за време на прес-конференцијата со полскиот премиер Доналд Туск за време на посетата на Варшава. „Нашиот одговор ќе биде поразителен. Ова треба да му биде јасно на Владимир Владимирович Путин и на секој друг што сака да не нападне“, додаде Руте, пофалувајќи ја Полска за трошоците за одбраната, кои изнесуваат 4,7 отсто од БДП – највисок процент во алијансата.
„Да не заборавиме дека Русија е и останува најсериозната закана за нашиот сојуз. Да не заборавиме дека Русија се движи во воена економија“, нагласи Руте понатаму. Од своја страна, Туск ја подвлече важноста на НАТО за безбедноста на Полска: „За нас е многу важно да ја слушнеме посветеноста дека НАТО ќе ја брани Полска во секоја критична ситуација“, рече тој, мислејќи на членот 5 од договорот, кој гарантира колективна одбрана.
Овие изјави доаѓаат во време на зголемена загриженост во алијансата, поради ставот на американскиот претседател Доналд Трамп кон НАТО, како и презирот што тој и неговите високи функционери јавно го покажаа кон Европа. Сепак, Руте инсистираше на тоа дека трансатлантските односи меѓу САД и Европа се „столбот на алијансата“ и тоа не се менува. Полска, исто така, ја засноваше својата безбедност на блиски односи со САД и беше многу внимателна да не го испровоцира Трамп. Но, постои длабока загриженост во врска со мировните преговори меѓу Украина и Русија, кои ги води американската администрација – процес на кој, според Туск, „ние како Полска и НАТО можеме да влијаеме само на многу ограничен начин, ако воопшто го имаме“.
„Ние, како Полска и како НАТО, мора да бидеме подготвени за сценарија кои самите не ги напишавме“, рече тој.
Полска е клучен сојузник на Украина и смета дека нејзиниот опстанок е суштински за националната безбедност. „Никој не сака мир повеќе од нас. Но, само праведен мир може на сите да ни даде чувство на сигурност. Тоа е услов за безбедноста на Полска, Европа и НАТО“, рече Туск. Во меѓувреме, Полска дополнително ја зајакнува својата одбрана, инвестирајќи 2,3 милијарди евра во иницијативата „Источен штит“ – серија утврдувања на границите со Русија и Белорусија – проект кој е поддржан и од Европската унија. „Полска презема целосна одговорност за обезбедување на нејзината источна граница, која е и граница на ЕУ“, изјави полскиот премиер. И Руте и Туск ќе отпатуваат за Париз, каде францускиот претседател Емануел Макрон во четврток ќе биде домаќин на европските лидери на уште еден самит за Украина.