Претседателот Доналд Трамп во понеделник ќе биде домаќин на францускиот претседател Емануел Макрон на разговори во Белата куќа.
Состанокот доаѓа во време на длабока неизвесност за иднината на трансатлантските односи, бидејќи претседателот Трамп ја трансформираше американската надворешна политика, оставајќи ги европските лидери надвор од напорите за брзо завршување на војната меѓу Русија и Украина.
Претседателот Трамп, исто така, се обидува да ја преземе контролата врз Гренланд, Газа и Панамскиот канал – како и да постигне договор со Украина за искористување на ретките минерални ресурси на таа земја.
Нешто повеќе од еден месец од неговиот втор мандат, политиката на претседателот „Америка на прво место“ фрли огромна сенка врз она што ветераните американски дипломати и поранешни владини претставници го сметаат за смирувачка улога на Америка во служба на глобалната стабилност и континуитет.
И покрај некои проблеми, воената, економската и моралната моќ на Соединетите Држави доминираше во ерата по Втората светска војна, особено по крајот на Студената војна со распадот на поранешниот Советски Сојуз. Некои стравуваат дека сето ова може да се изгуби доколку претседателот Трамп ја спроведе својата агенда и САД ги напуштат принципите врз кои се основани Обединетите нации и многу други меѓународни организации.
„Единствениот заклучок што можете да го извлечете е дека 80-годишната политика на спротивставување на агресорите штотуку беше разнесена без никаков вид дискусија или размислување“, рече Јан Кели, поранешен амбасадор на САД во Грузија за време на администрацијата на Обама и првата администрација на г-дин Трамп, моментално професор на Универзитетот Нортвестерн.
„Обезхрабрен сум поради многу причини. „Една од причините зошто првично бев охрабрен, на некој начин, беа повторените изјави за „мир преку сила“, додаде г-дин Кели. „Но, ова не е мир преку сила – ова е мир преку предавање“, рече тој.
Претседателот Трамп е домаќин на г-дин Макрон во понеделник, на третата годишнина од војната во Украина.
Во четврток тој ќе се сретне со друг клучен европски лидер, британскиот премиер Кир Стармер.
Нивните посети доаѓаат откако претседателот Трамп ја шокираше Европа со повеќекратните критики на украинскиот претседател Володимир Зеленски за неуспехот да преговара за крај на војната и одбивањето да потпише договор со кој на САД им се дава пристап до минералите од ретка земја во Украина, кои би можеле да се користат во американската вселенска, медицинска и технолошка индустрија.
Европските лидери исто така беа шокирани од одлуката на претседателот Трамп да испрати врвни соработници на прелиминарни разговори со руски претставници во Саудиска Арабија, без присуство на украински или европски претставници.
Во однос на договорот за минерали, г-дин Зеленскиј првично рече дека тој не обезбедува безбедносни гаранции за Украина.
Во неделата, г-дин Зеленскиј на социјалната мрежа Х напиша дека „постигнуваме голем напредок“, но истакна дека „Украина бара добар економски договор, кој ќе биде дел од реалниот систем на безбедносни гаранции за земјата“.
Претставници на администрацијата на Трамп велат дека очекуваат да постигнат договор оваа недела што ќе создаде поблиска врска меѓу американската економија и Украина – последното нешто што Русија го сака (Гласот на Америка).