
Израел сега прави ДНК тест за да потврди дека посмртните останки се на Шломоа Мансур (86), Охад Јахаломи (50), Цачи Идан (50) и Ицик Елгарат (69), кои беа заробени од Хамас за време на нападите на 7 октомври 2023 година.
Израел почна да ослободува повеќе од 600 палестински затвореници додека десетици се вратија на окупираниот Западен Брег и Газа.
Ова ќе биде последна размена од првата фаза од договорот за прекин на огнот, кој се очекува да заврши во сабота, пишува Би-Би-Си.
Пред објавувањето во средата, претставник на Хамас изјави за АФП дека враќањето на четирите тела ќе се случи „без присуство на јавноста за да се спречат окупаторите да најдат каков било изговор за одложување или опструкција“.
Фотографиите објавени од новинската агенција Ројтерс покажуваат автобус за кој се верува дека превезувал палестински затвореници од затворот Офер на Западниот Брег доцна во средата.
Автобусот со палестинските затвореници подоцна пристигна на контролниот пункт во Палатата на културата во Рамала, каде се собраа голем број луѓе да го прослават нивното ослободување.
Подоцна, десетици затворени Палестинци беа видени како излегуваат од автобусот пред болницата во Кан Јунис во Газа.
Меѓу палестинските затвореници кои се очекува да бидат ослободени има повеќе од 400 жители на Газа кои беа затворени од израелските сили за време на војната, како и 50 затвореници кои отслужуваат доживотна казна затвор во израелските затвори.
Покрај затворот Офер на Западниот Брег, Израел претходно најави дека затворениците ќе бидат ослободени и од затворот Кециот во јужен Израел.
Канцеларијата за медиуми на затворениците, управувана од Хамас, објави дека болницата во Газа се подготвува да ги прими ослободените Палестинци.