
Американскиот државен секретар Марко Рубио објави дека разговарал со турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, кому му изразил загриженост за „нестабилноста“ што се гледа во Турција по апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу.
Рубио изјави дека Турција има внатрешно-политички проблеми и Вашингтон нема да ги коментира.
„Ги гледаме истите извештаи што ги гледаат сите други за тоа што се случува“, им рече Рубио на новинарите во авионот кој се враќаше од патување на Карибите.
„Се разбира дека сме загрижени поради овие протести и некои медиумски извештаи“, додаде тој.
Американскиот дипломат додаде дека претседателот Доналд Трамп имал „многу добри работни односи“ со турскиот претседател Таип Ердоган за време на неговиот прв мандат и дека Вашингтон сака да ги обнови тие односи и да соработува со Анкара за низа прашања.