
Претседателката истакна дека во сите тела што ги формирала го применила начелото на паритетна застапеност, не од матријархални побуди, туку заради тоа што не сака да се запостават знаењето, смиреноста и мудроста коишто ги носат жените.
Инспирирани од Меѓународниот ден на жената, во искрен и конструктивен разговор тие споделија приказни за својот професионален пат исполнет со предизвици и предрасуди. Ја информираа претседателката дека и покрај напредокот, жените во Армијата се уште не се доволно застапени на клучните раководни позиции и честопати се соочуваат со ограничени можности за едукација.
Полковник Елизабета Наумовска-Петрески, потполковник Александра Доневска, мајор Анета Куртелова и поручник Бојана Филиповска зборуваа за себе, за статусот на жените во Армијата, како и за потребата од нивна поголема застапеност во формациските структури.
Соговорничките се согласија дека силата на Армијата е во единството, во синергијата меѓу мажите и жените, а родовата рамноправност дополнително ќе го зајакне високиот углед на Армијата.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со припаднички на Армијата, жени кои со својата професионалност, посветеност и истрајност не само што ги уриваат стереотипите, туку внесуваат и нова димензија во вооружените сили.
Во моментов, жените сочинуваат 11.87% од составот на Армијата, што е блиску до просекот на НАТО, но далеку од долгорочната цел од 30% застапеност.
Според неа, нелогично е по 80 години од формирањето на Обединетите Нации да немало жена – генерална секретарка, исто како што е нелогично досега да нема жена – генерал во македонската Армија. Затоа, претседателката Сиљановска-Давкова го охрабрува началникот на Генералштабот во пронаоѓањето креативно решение за жена – генерал.