
Поради обилните снежни врнежи, кои трет ден по ред ја зафатија Турција, денеска е затворен поморскиот сообраќај во Босфорот во двата правци, соопшти Генералниот директорат за безбедност на крајбрежјето при турското Министерство за транспорт и инфраструктура.
„Туркиш ерлајнс“ соопшти дека поради лошите временски услови за утре се откажани дел од летовите до и од аеродромот во Истанбул, пренесува „Хиријет“.
Властите најавија дека училиштата во Истанбул ќе бидат затворени во понеделник поради екстремно ниските температури и очекуваните потешкотии со превозот на учениците.
Градските власти од синоќа на полноќ забранија движење на моторциклисти и курирски служби во Истанбул додека не се подобрат временските услови.