Меѓународната претседателка ќе ја придружуваат гувернерот на Ротари дистриктот 1912 Словенија Северна Македонија, Мирослав Штравс, директорот од Ротари Интернационал Даниел Танасе и претставници од Ротари заедницата во земјава.Целта на посетата е информирање во однос на предизвиците со кои се соочува земјава, како и проектите кои Ротари заедницата во државава ги реализира за поддршка на заедницата, вклучително и проекти за поддршка на настраданите во неодамнешниот пожар во Кочани. Покрај тоа, ќе се реализираат повеќе средби со Ротаријанци за споделување насоки за дејствување и реализација на активности за поддршка и помош, како и посета на приматели на помош за да се претстави работата на Ротари заедницата во земјава.
Претседателката на Ротари Интернационал, Стефани Урчик е во дводневна посета на Република Северна Македонија.
Во соработка со издавачката куќа Арс Ламина, како што најавуваат од Ротари заедницата во земјава, ќе бидат реализирани донации на книги за училишните библиотеки во двете училишта.
Претседателката Урчик ќе го посети Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Кисела Вода во кое Ротари клубовите Скопје Исток и Скопје Север реализирале донација со обезбедување музички инструменти и ДСУ за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“ – Скопје во Капиштец во кое Ротари клубот Скопје Запад реализирал донација за опремување училница и санирање тоалети.
Ротари е глобална мрежа со седиште во САД, со над 1.2 милиони членови, пријатели, лидери и луѓе кои решаваат проблеми и кои замислуваат свет каде луѓето се обединети за заедничка акција за да креираат промени во општеството каде што дејствуваат. Ротаријанците ги поддржуваат идеалите на служење на заедницата, разноликост, интегритет, пријателство и лидерство. Области кои што се во нивниот фокус се: промовирање на мирот, превенција и третман на болести, обезбедување чиста вода за пиење, хигиена, заштита на мајки со деца, поддршка на образованието и развој на локалните економии, наведуваат од Ротари заедницата во земјава.