
Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалоци и тутун денеска преку соопштение изразува сериозна загриженост за вчерашните одлуки на Владата, кои беа соопштени од заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески. Бараат итна средба со премиерот Христијан Мицкоски и со министерот за економија и труд Бесар Дурмиши за да ги разгледаат последиците од овие одлуки и да ги земат предвид аргументираните предлози на компаниите од трговската дејност.
Според овие одлуки, како што наведуваат, се предвидува ограничување на маржите на основните прехранбени производи, при што се очекува дека цените на овие производи ќе се намалат во просек за 10 отсто, освен за млекото, лебот, брашното тип 400 и 500, јајцата, маслото за јадење, јогуртот и киселото млеко, за кои се предвидува да останат на исто ниво, односно да не се зголемуваат.
– Сепак, забележуваме дека во својата изјава заменик-министерот сам се демантира. Од една страна, се наведува дека основните производи се маржираат од 20-25 отсто, што е причината за ограничувањето на маржата на 5 отсто, но од друга страна се тврди дека нема да има значително намалување на цените. Логично е, цените да се намалат за 15-20 отсто, доколку се намали маржата на овој начин. Дополнително, овие одлуки не ги заштитуваат социјално загрозените граѓани, туку најголемата финансиска корист ќе ја имаат потрошувачите со повисоки приходи. На пример, во групата на месни производи ќе треба да се намалат цените и на луксузни производи, што значи дека не се води сметка за приоритетите на граѓаните со пониски примања, се вели во соопштението.