Цела Македонија жали за трагично загинатите. Во главниот град и денеска граѓаните продолжија да палат свеќи на плоштадот, изразувајќи сочувство и солидарност со семејствата на жртвите. Министерството за здравство денеска ги објави имињата на сите 59 загинати во пожарот, кои биле на возраст од 16 до 48 години, а најголем дел од нив биле на 24 и 26 години.
Во Кочани денеска беа погребани 31 од вкупно 59 жртви кои го загубија животот во разорниот пожар што избувна во дискотеката „Пулс“ во неделата рано наутро. Останатите жртви беа испратени во вечното почивалиште во Скопје, Штип и Облешево.
Погребната церемонија во Кочани започна напладне, а со неа чиноначалствуваше поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан. Церемонијата беше организирана според посебни протоколи, а илјадници граѓани, роднини и блиски дојдоа да им оддадат последна почит на жртвите, од кои многумина беа млади луѓе. На самите гробни места беа распоредени медицински тимови, а беше обезбедена и вода за пиење за присутните. Голем број медиумски екипи од земјата и од странство го следеа овој тажен настан.
Во Скопје денеска беа погребани и членови на бендот ДНК, кои трагично го загубија животот во пожарот. Пејачот Андреј Ѓорѓиески беше погребан на градските гробишта Бутел, додека неговата колешка, професорката на Факултетот за музичка уметност (ФМУ), Сара Пројковска, беше испратена на вечен починок на гробиштата во Лисиче. Во Струмица, последен поздрав му беше оддаден на тапанарот на бендот, Ѓорѓи Ѓорѓиев, кој беше погребан на градските гробишта.
Во Штип, пак, беа испратени во вечноста Филип Стевановски, Александар Коларов и Александар Ефремов, исто така дел од музичкиот состав кој трагично настрада.