
Предлагачите на Иницијативата за изборен законик сметаат дека со оспорените членови се менуваат членовите 61 и 62 од Изборниот законик кои се однесуваат на условите за поднесување листи на независни кандидати за пратеници, како и за членови на совети и градоначалници на општините.
Се тврди дека прагот за поднесување независни граѓански листи за избори е драстично зголемен на 1 процент од избирачкото тело, што, според нив, предизвикува нерамноправна положба на граѓаните кога се здружуваат во иницијативни групи за поднесување независни листи за учество на изборите.
Се нагласува дека овие измени создадоа нееднаквост меѓу граѓаните и дискриминација во корист на партиите, со оглед на тоа што секоја партија што претставува макар и група граѓани може да изнесува кандидатски листи и е регистрирана со 1.000 гласачи.
Дополнително, според барателите, спорно е дека измените биле одобрени по нетранспарентна и скратена постапка, без претходна консултација и јавна расправа.