Како што соопшти денеска Царинската управа, во четири случаи се утврдени неправилности во делот на лиценците, од коишто за три се водат предкривични постапки од страна на Секторот за контрола и истраги, а во 69 случаи камионите се вратени назад поради утврдени неправилности во делот на серфитикатите за професионална компетентност на возач.-Неправилностите во делот на лиценците за вршење јавен превоз во меѓународен патен сообраќај, се откриени при контроли во царинска испостава Блаце, Богородица и Ново село. Во три од случаите кои се откриени во Ново Село и Богородица во моментов се води предкривична постапка од страна на Секторот за контрола и истраги, а поради постоење основано сомневање дека е сторено кривично дело фалсификување на исправа или вршење јавен превоз без поседување лиценца казниво по Кривичниот законик. Во случајот откриен на царинска испостава Блаце на излез од државата правното и физичкото лице се казнети од страна на државниот инспекторат за транспорт заради прекршување на Законот за превоз во патниот сообраќај, а возилото е отстрането од сообраќај со земање на дозволата, се наведува во соопштението.
Царинската управа за една недела извршила 8.181 контрола на лиценци за вршење јавен превоз, сертификати на возачи, како и дозволи за превоз кои треба да ги поседуваат товарните моторни возила и автобусите во меѓународниот патен сообраќај.
Царинската управа информира дека изминатиот месец Секторот за контрола и истраги поднел три кривични пријави до Основно јавно обвинителство Гевгелија заради фалсификување лиценци за вршење превоз на стока во меѓународен патен сообраќај.