Училиштата се безбедни, децата се на сигурно. Она што треба да го направат е засилено да учат, порача денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.-Според информациите кои ги добиваме од Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) – училиштата кои се под ингеренции на општините веќе се проверени, државните кои се под ингеренции на МОН, исто така, се проверени и порака до родителите е дека тие се безбедни, рече министерката одговарајќи на новинарско прашање пред одржувањето на третиот Женски Економски Форум.
Таа додаде дека според информациите со кои располага завршени се сите безбедносни проверки и во основните и во средните училишта и оти тие покажале дека се безбедни.
Прашањето за безбедноста на училиштата се отвори по трагичниот настан во Кочани кога пожар изби во ноќен клуб во кој загинаа 59 лица, а над 200 беа повредени.
По настанот надлежните презедоа активности за проверка на угостителските објекти во државата, но и на државни инстутуции, межу кои и градинките и училиштата.