Европа за кратко време почувствува олеснување откако САД претставија мировен план од 28 точки за Украина, но, според поранешниот украински министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, реалноста на теренот го потсетува светот дека конфликтот продолжува.
Русија изведе масовни ракетни и беспилотни напади врз Киев, покажувајќи дека за Владимир Путин војната останува клучно средство за постигнување „мир“. Украинските сили, со поддршка од американските разузнавачки информации и противвоздушни системи „Патриот“, успеаја да пресретнат дел од ракетите, но седум лица загинаа, а голем број домови останаа без греење.
Кулеба во колумна за Гардијан, истакнува дека Украина и натаму е критично зависна од САД за одбранбениот капацитет, додека Европа не може да ја замени таа поддршка на краток рок. Тој додава дека новите американски иницијативи често предизвикуваат дебата и внимание, но реалната ситуација на фронтот не се менува значително.
Според Кулеба, Путин верува дека времето е на негова страна и продолжува со војна, додека украинскиот претседател Зеленски се обидува да го одржи фронтот, избегнувајќи целосен колапс, но со постепена загуба на луѓе и територии. Засега нема реални предуслови за примирје.
Кулеба заклучува дека Украина и Европа ќе можат да се спротивстават на дипломатските офанзиви од САД и Русија само ако ја зајакнат својата одбрана и останат обединети, нагласувајќи дека способноста на Украина да ги одбие ноќните воздушни напади ќе продолжи да зависи од американската поддршка