Обилните врнежи од дожд кои во последните денови го зафатија источниот регион утрово предизвикаа поплавување на простории и дворови во повеќе објекти на различни локации во Општина Чешиново-Облешево, вклучително и во селата Чешиново, Облешево и Чифлик, информира директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Али вели според информациите од градоначалникот на општината, локалната самоуправа со сите расположливи ресурси активно интервенира на терен. Во интервенциите учествуваат и ТППЕ Кочани, Водостопанство „Брегалница“ и РЦУК Кочани, а побарана е и дополнителна материјално-техничка поддршка, особено за испумпување вода од поплавените објекти.
Поради обилните врнежи, реките Брегалница и Кочанска река се со значително зголемен водостој, а на одредени локации во општините Штип и Чешиново-Облешево е забележано нивно излевање од коритата.
Како последица на врнежите, утрово се појавија свлечишта на експресниот пат Радовиш–Штип и на патниот правец Злетово – брана Кнежево. За настаните ЦУК веднаш информираше ЈП Македонија пат, чиј екипи излегоа на терен и интервенираа соодветно.
Дополнително, лизгање на земјиште е регистрирано и во с. Липково, место викано Кисела Вода. Од Општина Липково е соопштено дека располагаат со ограничени ресурси за вакви интервенции, поради што е побарана помош од државните институции за санирање на свлечиштето и намалување на ризикот од понатамошно влошување на состојбата.
ЦУК апелира до граѓаните да ги следат упатствата на локалните власти и да се придржуваат до мерките за заштита од поплави и свлечишта.