Шкендија успеа да го победи Работнички со 1-0 во Тетово, во последниот натпревар од 15-тото коло во Првата фудбалска лига. Со ова тимот на Јетон Беќири им се врати на победите, а Работнички и понатаму реди порази во шампионатот.
Шкендија поведе во петтата минута. Трумчи од десната страна уфрли во шеснаесетникот, а Фабрис Тамба со силен удар малку откосо од десната страна ја затресе мрежата на Работнички.
Во 25.минута, Бесарт Ибраими имаше голема шанса за удвојување на предноста, го мина и голманот Васко Василев, но на гол-линијата спаси дефанзивецот Јасмин Мециновиќ.
Работнички можеше да дојде до израмнување во 40.минута, кога Демир Имери шутираше откосо од десната страна. Но, Гаје успеа да одбрани и исфрли во корнер.
Шкендија замина одмор со минимална предност.
Во вториот дел, домаќинот како да го загуби здивот, а Работнички тргна по израмнување.
Во 65.минута, Флоријан Кадриу беше проигран во противнапад, шутираше од работ на шеснаесетникот, но Гаје одбрани.
Имери потоа се обиде од слободен удар, но го погоди само живиот ѕид.
Во 87.минута, Кадриу постигна гол за Работнички, но не беше признат, затоа што во текот на акцијата Далеј беше во офсајд ситуација.
На крајот, Шкендија успеа да го сочува минималното водство и освои важни три бода.