Венецуела извезе околу 921.000 барели нафта дневно во ноември и малку ги зголеми испораките во споредба со октомври, и покрај пожарот во голем објект, покажуваат податоците и документите за испорака. Месечниот просек во ноември заостанува само зад август и февруари.
Државната нафтена компанија PDVSA во последно време увезува повеќе нафта, која ја користи за намалување на содржината на сулфур за испораки до клиенти во странство, што го поддржа извозот, покажаа документите на компанијата.
Капацитетот на државната компанија беше ограничен во ноември поради пожар во голем објект во речниот појас Ориноко, во сојузната држава Анзоатеги. Постројката „Petrocedeno“ вади „тешка“ нафта и ја намалува содржината на сулфур за да ја испорача до странски клиенти во „полесна“ верзија. Производствениот капацитет на објектот е 200.000 барели дневно.
Присуството на американски воени бродови во Карипското Море не го наруши увозот или извозот на венецуелска нафта во октомври, а залихите ѝ помогнаа на PDVSA да ја компензира намалената активност во појасот Ориноко, според податоците и документите.
Извозот на сурова нафта и гориво бил за 3 отсто повисок отколку во октомври, но за 5 отсто помал отколку во истиот период минатата година, според податоците засновани на движењата на танкерите.
Кина повторно беше главната извозна дестинација, со околу 746.000 барели испорачани дневно.
Венецуела го зголеми извозот на нафта во САД, од 128.000 барели во октомври на 150.000 во ноември, преку американскиот партнер „Chevron“.
Околу 24.000 барели сурова нафта, бензин и гориво за авиони беа испорачани во Куба.
Извозот на нафтени нуспроизводи и петрохемикалии, исто така, се зголеми, од 195.000 тони во октомври на околу 277.000 тони во ноември, покажаа податоците.
Увозот на лесна сурова нафта и гориво се зголеми повеќе од двојно, на околу 167.000 барели дневно. „Chevron“ испорачува тешка нафта од САД за инвестиции со дозвола од Вашингтон, а PDVSA, исто така, увезува нафта од добавувачи како што е Русија.