Рускиот претседател Владимир Путин го критикуваше во четвртокот, на почетокот од дводневната посета на Индија, притисокот од Вашингтон врз азискиото џин да престане да купува руска нафта додека самите Соединетит држави купуваат нуклеарно гориво од Русија.
Путин разговараше со индискиот телевизиски канал India Today, а разговорот беше објавен неколку часа откако слета во Њу Делхи, пристигнувајќи во посета за која двете земји се надеваат дека ќе ја зголеми меѓусебната трговска размена.
Целта на првата посета на Путин на Индија по четири години е да се зголеми продажбата на руска нафта, ракетни системи и борбени авиони и да се прошири соработката надвор од енергетиката и одбраната. Рускиот претседател пристигнува во Индија во време на интензивен притисок од Вашингтон врз Њу Делхи да ги намали своите односни, и политички и економски, со Москва.
Двете земји се блиски уште од ерата на поранешниот Советски сојуз, а Русија со децении веќе е главен извозник на оружје во Индија. Азиската земја стана и најголем купувач на руска нафта транспортирана по море откако беа воведени западните санкции поради руската инвазија во Украина.
Увозот на нафта во Индија треба овој месец да падне на најниско ниво во последните три години, откако САД воведоа царини за увоз од Индија и ги заострија санкциите против Русија, кои влијаат и на трети земји, пишува Reuters.
Владата на американскиот претседател Доналд Трамп нагласи дека купувањето евтина руска нафта од страна на Индија ѝ помага на Москва да ја финансира војната во Украина.
„Соединетите Американски Држави продолжуваат да купуваат нуклеарно гориво од нас за своите нуклеарни централи. И тоа е гориво“, изјави Путин за India Today.
„Ако САД имаат право да купуваат наше гориво, зошто Индија не треба да има иста привилегија? Ова прашање заслужува длабинска анализа и ние сме подготвени да разговараме за тоа, вклучително и со претседателот Трамп“, додаде рускиот претседател.
Индија претходно изјави дека царините на Трамп се неоправдани и ирационални и потсети дека САД сè уште тргуваат со Русија. САД и Европската yнија продолжуваат да увезуваат руска енергија во вредност од десетици милијарди долари, од течен природен гас до збогатен ураниум.
Запрашан за падот на купувањето нафта од неговата земја во Индија, Путин призна дека имало „одреден пад на вкупната трговија од првите девет месеци од оваа година“.
„Тоа е само мало прилагодување. Генерално, нашата трговија е на речиси исто ниво како и претходно. Трговијата со нафтени производи и сурова нафта, руска нафта, се одвива непречено во Индија“, заклучи Путин.