Руската економија мора да се свикне на силна рубља и покрај негативните последици за некои извозници, изјави министерот за економски развој Максим Решетников.
Во првата половина од годината, рубљата порасна за повеќе од 40 отсто, забележува Reuters, поддржана од високите клучни каматни стапки и надворешната трговија.
„Треба да разговараме за неколку предизвици, а еден од нив е силната рубља“, рече министерот Решетников во вторник на инвестицискиот форум „Русија повикува!“.
Најголемите проекти што моментално се финансираат се ориентирани кон извоз и треба да ги зголемат испораките во странство во блиска иднина во опсег од 50 до 70 милијарди долари, додаде министерот.
„Треба да размислиме што да правиме со трговскиот биланс, кој веќе е во минус од 120 милијарди долари годишно, а сега треба да ги земеме предвид овие нови можности за извоз“, објасни Решетников. „Toa е огромен предизвик“, нагласи тој.
Некои од овие извози нема да бидат профитабилни во услови на посилна рубља, па затоа компаниите, рече министерот, ќе мора да се откажат од некои проекти.
Некои компании веруваат дека рубљата ќе ослабне и дека само треба да почекаат малку, додаде Решетников, предупредувајќи дека „оваа стратегија повеќе не функционира“, го цитира Reuters.
„Девизниот курс ќе биде посилен отколку што мислевме пред една или две години“, предупреди рускиот министер.
Според владините прогнози, просечниот курс на рубљата во однос на доларот следната година ќе биде 95,9 рубли за долар. Уште во август, тие очекуваа да биде 100,2 рубли за долар, потсетува руската новинска агенција Интерфакс.
Рубљата зајакнува и поради политиката на замена на увозот, која владата ја користеше за да се спротивстави на западните санкции. До неодамна опремата и машините се увезуваа од западните земји, но сега ги произведуваат руски компании, потсети Решетников.
Увозот е голем проблем за нас, бидејќи бројни компании објавија стратегии за нивна замена и постојат „одредени пречки“ во оваа област, а таквата стратегија ќе остане на сила засега, додаде тој.
Покрај слабиот увоз, министерот за економија го истакна и значително намалениот руски јавен долг „бидејќи повеќе нема можност за одлив на капитал како во изминатите три години“. „Ќе мора да живееме со оваа нова реалност“, заклучи рускиот министер.
Министерот за финансии Антон Силуанов, исто така, во среда изјави дека треба да „научиме да живееме и работиме“ со сегашниот курс на рубљата. Рубљата би можела да ослабне ако централната банка ја олабави монетарната политика, истакна тој.
„Силната рубља во голема мера зависи од каматните стапки. Олеснувањето на монетарната политика би отворило повеќе можности за финансирање на купувањето увезена стока. Ако тоа се случи, рубљата ќе (…) ослабне“, рече министерот во интервју за РБЦ-ТВ.
Сепак, сегашниот курс на рубљата е избалансиран и во согласност со платниот биланс, нагласи Силуанов, додавајќи дека неговата вредност веројатно нема да се промени во иднина.
„Многумина зборуваат за слабеење на рубљата, но ние всушност веруваме дека опсегот на девизниот курс што неодамна се кристализираше би можел да се одржи во иднина бидејќи е повеќе или помалку избалансиран, врз основа на сегашниот платен биланс“, објасни министерот за финансии.