Во една прилика Боби Милевски изјави дека најголемото достигнување за еден тренер е да ја води најдобрата селекција на фудбалери од својата држава. Но, ние би рекле дека тоа е и најнеблагодарната позиција во која може да се најде еден фудбалски работник.
Народот често знае да ги вивне селекторите во облаци после успесите, а да ги „плука“ по поразите. Ние Македонците не сме многу познати по нашата објективност. Иако пасијата, жарта и мотивот се понекогаш и пресудни за нашите успеси, сепак таа карактеристика знае да биде неблагодарна кон оние кои го вложиле својот труд низ годините.
Ние во Спортска Станица сакаме да бидеме објективни и да му се заблагодариме на Боби Милевски за сите радости низ годините. Па, доколку поразот од 7-1 од Велс ве натера да заборавите, време е да се потсетиме на Сер Боби за изминатите успеси.

Голем дел од генерацијата на фудбалери која сега е дел од А селекцијата, беше и првата македонска репрезентација која се пласираше на Европско првенство до 21 година. И тоа беше под водство на Сер Боби.
Потоа следуваше и пласирањето на Европското првенство и на сениорите, па по заминувањето на Игор Ангеловски, сосема логично кормилото го презеде Милевски, како некој кој многу добро ги познаваше овие „момчиња“.
Момчињата пораснаа, а Боби ги водеше до два баражи за Светско првенство, едно историско чудо во Палермо, Б дивизијата во Лигата на нации и две години без пораз на официјалните натпревари.
И тоа е огромен успех за било кој селектор, а особено за некој кој на располагање имаше играчи кои имаат огромно срце и љубов за Македонија, но не и некои реални минутажи во светските и европските клубови.

И тука е можеби најголемата грешка според нас на Милевски, што не се обиде да донесе во репрезентацијата некоја „свежа крв“, играчи кои имаат поголеми минутажи во своите клубови. Напишавме дури и наш серијал на Досиеја за играчи кои мислевме дека заслужуваат шанса во сениорската репрезентација. Но, кога предолго сте со еден тим, се зближувате како да сте семејство, па евидентно беше дека во последните мечеви се изгуби нивото на игра, а можеби и објективноста.
Но, дали Боби Милевски требаше да си оди или да добие нов договор и за баражите? Можеби најдобрата комбинација ќе беше привремен тренерски тандем од Милевски и уште еден член од тимот кој би го подобрил духот и победничкиот морал во репрезентацијата, како на пример Горан Пандев.
Дали понудените опции во моментов се подобри за Македонија? Неблагодарно би било да кажуваме било какво мислење, освен безусловна поддршка во време кога нашата репрезентација ќе треба да се бори со силен тим како Данците. А, потоа се надеваме и со уште еден ривал на патот кон својот прв Мундијал. Па, тие мислења би ги оставиле за подоцна.

Она што сега сакаме да го кажеме е: Ти благодариме Сер Боби! Никогаш нема да ја заборавиме магијата којашто се случи на трибините и теренот во Палермо! Ти благодариме за сите моменти кога нашите пријатели од странство ни пишуваа пораки со „секоја чест, Македонци!“ после големите добиени битки. Ти благодариме за секој момент кога на Градски одевме со гордо крената глава и си заминувавме со исполнети срца, бидејќи дури и кога не сме победиле, сме дале сè од себе и сме делувале вистински моќно! Ти благодариме што од една „мала“ Македонија, на моменти направи да се чувствуваме гигантски.
Ти посакуваме многу успеси понатака и се надеваме дека победничкиот дух кој го всади во репрезентацијата ќе нè одведе и на првиот Мундијал! Па, од (се надеваме) Мексико уште еднаш ќе ти кажеме – фала!