Дефанзивецот на Реал Мадрид, Трент Александер-Арнолд, ќе биде надвор од терените околу два месеци поради повреда на квадрицепсот на левата нога, потврдија од клубот.
Ова е огромен удар за тимот на Чаби Алонсо, бидејќи повредата доаѓа во моментот кога Англичанецот почна да го покажува својот полн потенцијал. Трент се повреди во средата, за време на убедливата победа од 3-0 над Атлетик Билбао, и тоа веднаш откако ја забележа својата прва асистенција во дресот на Реал за водечкиот гол на Килијан Мбапе.
Незгоден пад и болна гримаса
Ситуацијата се случи во 54. минута, кога Трент незгодно падна по додавање по десната страна. Тој веднаш се фати за левата нога со болна гримаса на лицето и мораше да биде заменет со Раул Асенсио.
Денешните прегледи ги потврдија најцрните прогнози, а извори блиски до клубот стравуваат дека закрепнувањето ќе трае околу осум недели. Ова е посебно фрустрирачко бидејќи Англичанецот претходно пропушти повеќе од еден месец поради повреда на задната ложа заработена во септември.
Алонсо без природно решение
Загубата на Трент е вистинска катастрофа за Чаби Алонсо, кој сега остана без ниту еден природен десен бек во составот. Со оглед на тоа што и Дани Карвахал е надвор од строј до почетокот на 2026 година, Алонсо ќе мора да импровизира.
Очекувањата се дека вице-капитенот Феде Валверде повторно ќе мора да „крпи“ на позицијата десен бек. Иако Уругваецот јасно стави до знаење дека тоа не е неговата идеална позиција, тој веќе одигра седум натпревари таму помеѓу октомври и ноември и се покажа одлично. Друга опција е младиот Раул Асенсио, но креативноста на Трент во нападот ќе му недостасува на Реал во трката со Барселона.