„Согласно Законот за тутун и тутунски производи, откупната сезона најрано може да почне на 15 ноември, а крајниот датум за почеток на откуп е 15 декември. Во овој момент не е пробиен законскиот рок за да започне откупот на тутунот. Според последните информации што ги добивам од Сојузот, од теренот и од самите земјоделци, најголем дел од компаниите веќе имаат започнато со откуп на тутун од оваа реколта“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, во емисијата „Клик плус“ на ТВ21.
Тој посочи дека, според податоците на Државниот инспекторат за земјоделство, досега се откупени над еден милион килограми тутун.
„Од тие над еден милион килограми, околу 967.000 килограми се откупени како прва категорија, а многу мала количина како втора и трета категорија. Просечната откупна цена по килограм изнесува 419 денари, што е за речиси 19–20 денари повисоко од минатогодишната сезона, каде што заврши на 400 денари по килограм“, појасни министерот Трипуновски.
Министерот додаде дека очекува оваа откупна сезона да заврши навремено и со правилно вреднување на класите на тутунот.
The post Трипуновски: Досега се откупени над еден милион килограми тутун appeared first on NetPress.