Цените на бакарот го затворија тргувањето во средата на чекор од 11.500 долари за тон, достигнувајќи ново највисоко ниво откако црвениот метал почна да се тргува на лондонската берза за метали, под влијание на слабиот американски долар, стравот на трговците од проблеми со снабдувањето и намалените залихи во магацините на LME.
Цената на бакарот во референтниот тримесечен термински (фјучерсен договор на Лондонската берза за метали (LME) изнесуваше 11.487,5 долари за тон на затворањето на тргувањето во средата.
Таа беше за 3,07 отсто повисока од претходниот трговски ден и достигна ново рекордно ниво откако бакарот почна да се тргува на лондонската берза, надминувајќи го рекордот поставен два дена претходно од 11.252 долари за тон.
Скокот беше предизвикан од бранот нарачки од Јужна Кореја и Тајван, што доведе до најголемо зголемување на барањата за повлекување на залихите на бакар од магацините на LME од 2013 година.
Вкупните залихи на бакар во системот за складирање на лондонската берза за метали сега изнесуваат 162.500 тони. Бакарот е важна суровина во индустријата, електрониката, електричните мрежи и градежништвото.
Бакарот поскапе за околу 30 отсто од јануари, при што зголемувањето на цените главно е концентрирано во втората половина од годината, а скокот на цените беше предизвикан од проблемите со снабдувањето во клучните земји производители и шпекулациите за можни американски царини.
Американскиот претседател Доналд Трамп објави царина од 50 отсто на цените на бакарот и увозот на бакарна жица во јули, предизвикувајќи пад на цените на бакарот во САД, а глобалните пазари го следеа примерот во очекување на промена на испораките од американскиот пазар.
Вашингтон на крајот се откажа од објавените царини, но трговците продолжија да трупаат залихи во САД, предизвикувајќи зголемување на цените на берзата Comex во Њујорк, додека залихите во другите делови од светот беа намалени.
Цените се зголемија во октомври откако сериозните несреќи во неколку рудници низ целиот свет предизвикаа загриженост за снабдувањето.
Рудникот Грасберг во Индонезија, во сопственост на американската рударска компанија „Freeport“, беше поплавен во септември при што загинаа тројца рудари. „Freeport“ објави дека не може да ги исполни своите договорни обврски. Грасберг е втор по големина рудник за бакар во светот, сочинувајќи 3 отсто од глобалното производство.
На крајот од јули, се случи сериозна несреќа и во рудникот Ел Тениенте на чилеанската државна рударска компанија „Coldeco“. Шест лица загинаа при уривањето на тунелот, а компанијата го прекина производството до натамошно известување. Ел Тениенте произведува околу 400.000 тони бакар годишно.
Според октомвриската проценка на консултантската компанија BMI, побарувачката за бакар ќе ја надмине понудата за повеќе од 400.000 тони во 2026 година. Претходно, тие очекуваа недостигот да изнесува само 72.000 тони.
Стравувањата повторно беа поттикнати во средата од новите проценки од големите рударски компании за намалување на производството.
Канадската компанија „Ivanhoe Mines“ ја намали прогнозата за производство во големиот комплекс Камоа-Какула во Демократска Република Конго поради поплави.
Швајцарскиот „Glencore“, чие производство падна за 40 отсто од 2018 година, исто така, ги намали своите прогнози за производство за следната година.
Сепак, побарувачката би можела да се зајакне, бидејќи економската активност е посилна од очекуваното откако САД објавија бран царини оваа пролет.
Во услови на посилна побарувачка и неизвесна понуда, трговците агресивно се позиционираа последните седмици во очекување на поголеми дефицити следната година, изјавија минатата седмица аналитичарите и лидерите во индустријата на вебинарот на „Fastmarkets“.
Макро трендовите ќе бидат клучни за пазарите на бакар и ќе претставуваат најголема непозната за побарувачката и цените во 2026 година, забележаа тие.