3 минути за читање
Драмата со „распуштените“ крави во Кривопаланечко продолжува: додека над 500 животни и натаму слободно шетаат по нивите и патиштата, предизвикувајќи штета на земјоделците, таткото и двете ќерки од семејството Ѓорѓиевски се во осумдневен притвор. Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), заедно со полицијата, секојдневно излегува на терен за да ги собере кравите, но засега не открива детали поради тековната истрага.
„Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжи со спроведување на решенија за одземање на животните и во соработка со надлежните институции ќе продолжиме во спроведувањето на мерките. Во однос на овој случај Агенцијата активно работи на решавање на истиот и до овој момент во интерес на истрагата ова се информации кои може да се споделат во јавноста“, изјави Оливер Миланов, директор на АХВ.
НЕОФИЦИЈАЛНО: Осумдневен притвор за сопственикот на кравите и неговите две ќерки од кривопаланечко
Сè започна на 2 декември 2025 година во село Трново, кога инспекторите од АХВ, придружувани од полиција, се обиделе да ги одземат кравите поради континуирани жалби од жителите на околните села. Семејството, според обвинителството, агресивно се спротивставило, попречувајќи ги службените лица со сила и закани. Таткото Г.Ѓ. (57) и ќерките А.Ѓ. (30) и А.Ѓ. (22) се обвинети за спречување на службено лице во вршење на должност, а судот им одреди притвор поради ризик од бегство и повторување на делото.
Се бара притвор за таткото и ќерките кравари од Крива Паланка
Од семејството, пак, тврдат дека немало никакво противење и дека целта биле тие, а не кравите. Една од ќерките, изјави дека акцијата била насочена кон апсење на татко им, кој „ништо не направил“, и дека животните биле изгладнувани од соседите пред да се пријави во АХВ.
Жителите на регионот со години се жалат на штетите: кравите им ги уништуваат посевите, особено зелката, која завршува како отпад, а семејството наводно упатувало закани кон соседите. Од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството потврдуваат дека Ѓорѓиевски од 2020 година поднесувале барања за субвенции, но никогаш не дозволиле инспекциска контрола, па сите барања биле одбиени.
(ВИДЕО) Русокоса газдарица дели боксови во кал – Ескалира ,,Кравјата криза” во Крива Паланка
Обвинителството води постапка, а АХВ ветува дека ќе продолжи со акцијата додека сите крави не бидат собрани и згрижени. Овој случај ги разбуди старите тензии во Кривопаланечко, каде што проблемот со неконтролиран добиток трае со децении, а жителите бараат итна реакција од државата за да се заштити нивното производство и безбедност.