Во словенечкиот град Велење, ноќта од четврток кон петокoт, била отстранета главата од споменикот на поранешниот југословенски лидер Јосип Броз Тито на истоимениот плоштад. Општина Велење објави подоцна во теко тна денот дека полицијата веќе го пронашла сторителот, објави словенечката новинска агенција STA.
„Го осудуваме вандализмот што беше извршен ноќе на плоштадот Тито во Велење, каде што непознат сторител го оштетил споменикот на Тито и му ја откинал главата. Го осудуваме секој таков чин најостро и нагласуваме дека нема место за вандализам и напади врз културното и историското наследство во нашиот град“, објави општината Велење.

Полицијата објави дека го привела сторителот откако еден граѓанин пријавил дека видел човек како товари голем метален предмет во својот автомобил. Полициските службеници во патрола набрзо го запреле 49-годишниот возач на автомобилот бидејќи се совпаѓал со описот што го пријавил граѓанинот.
Автомобилот имал две различни хрватски регистарски таблички, а зад воланот седел 49-годишник од областа на Велење, кој во багажникот ја превезувал главата од бронзена скулптура на Тито, додадоа тие.
„Ова е гнасен чин на сквернавење на културното и историското наследство“, објави Полициската управа Целје, додавајќи дека местото на злосторството сè уште се истражува и дека се собираат информации под сомнение за кривично дело оштетување или уништување на работи од посебно културно значење или природна вредност.
Словенците не се „откажале“ од Тито
За време на некогашната заедничка држава СФРЈ, Велење од мало рударско село станало индустриски град, познат по својот рудник и фабриката „Горење“, а како знак на благодарност кон „големиот водач“, тоа било еден од оние што го додадоа името на Тито на своето име и се викаше Титово Велење.

Иако најимпресивен, овој споменик од скулпторите Антун Аугустинчиќ и Владимир Херљевиќ не е единствениот зачуван споменик на поранешниот претседател на СФРЈ во Словенија. Тие сè уште се наоѓаат во градовите Кидричево и Словенска Бистрица, а неговата биста стои во центарот на Метлика.
Бистата на Тито се наоѓа и во Музејот на железарницата во Јесенице, како и во музејските поставки во бројни други словенечки градови.
Сепак, во најголемите словенечки градови – Љубљана, Марибор, Крањ, Копер, Нова Горица и Целје – спомениците на Тито беа отстранети на почетокот на 1990-те, откако Словенија прогласи независност. Од друга страна, голем број од нив сè уште имаат плоштад или улица именувана по Тито. Меѓу нив се Илирска Бистрица, Јесенице, Копер, Толмин и Постојна.
За време на мандатот на десничарската влада на Јанез Јанша, во 2021 година, името на улицата на Тито во Раденци беше променето со голема помпезност, но словенечкиот Уставен суд, по жалба од организации на ветерани од Втората светска војна, ѝ наложи на локалната самоуправа да го врати името на Тито.