Романската престолнина Букурешт би можел да стане првиот главен град на земја-членка на Европската унија со градоначалник од крајната десница, доколку нејзината кандидатка биде избрана в неделата на избори коиште се оценети за загрозување на кревката проевропска коалициска влада на Романија.
Влијателната позиција е празна од мај, кога центристот Никушор Дан тесно победи на повторени претседателски избори една година откако го започна својот втор мандат како градоначалник. Првите избори беа поништени поради наводно сомневања за руско мешање, кога неочекувано во првиот изборен круг надмоќно водеше крајнито десничар Калин Џорџеску, кој моментално чека судење по обвинение за наводен „обид за поткопување на националната безбедност„.
Анкетите покажуваат дека Анка Александреску, телевизиска водителка која се кандидира како независен кандидат со поддршка на опозициската крајна десница Алијанса за единство на Романците (AUR), е изедначена за победа во градоначалничката трка.
Сепак, аналитичарите наклонети кон либералните проевропски струи велат дека анкетите „можеби не се сигурни“ бидејќи најголемиот град во Романија не е упориште на крајната десница.
Гласањето завршува во 21 часот по локално време, а прелиминарните резултати се очекуваат доцна ноќта во неделата.
Партијата AUR се спротивставува на воената помош за соседна Украина на сметка на осиромашените Романци, го критикува водството на ЕУ и ги поддржува политиките на американскиот претседател Доналд Трамп, вклучително и оние за енергетиката и имиграцијата.
Социјалдемократот Даниел Балута го дели првото место во анкетите со Александреску, а другите ривали исто така доаѓаат од широката коалициска влада: Кипријан Чиуку, протеже на либералниот премиер Илие Болојан, и Каталин Друла од централно-десничарската Унија за спас на Романија (USR), која ја поддржа претседателската кандидатура на Дан.
Социјалдемократите (PSD), без кои не може да се формира владејачко проевропско мнозинство во парламентот, се приклучија на владата под услов секоја партија да има посебни кандидати за градоначалник, поткопувајќи ги централно-десничарските Чиукуа и Друла.
„Од една страна, влоговите за AUR се огромни, освојувањето на главниот град би ја прекинало идејата за санитарен кордон што ги изолира екстремистичките партии. Од друга страна, ако победи кој било кандидат од владејачката коалиција, тоа ќе го промени балансот на моќ во владејачката коалиција“, вели за Reuters Сергиу Мискоиу, професор по политички науки на Универзитетот Бабеш-Бољаи.
Александреску, поранешна портпаролка на PSD, беше гласен поддржувач на претседателскиoт кандидат Џорџеску, кој пак јавно не ја поддржа неа или кој и да е друг кандидат, обидувајќи се да им се допадне на истите гласачи кои се гневни на водечките партии коишто широко се сметаат за за некомпетентни и корумпирани.
Владата се соочува со гласање за недоверба овој месец поради реформата на судскиот пензиски систем. AUR изјави дека би била подготвена да ги здружи силите со социјалдемократите, кои се против идејата, но некои од нив инсистираат на оставка на премиерот Болојан поради плановите за штедење.
Поништените избори од минатата година ја втурнаа Романија во најлошата политичка криза во последните децении, ја открија нејзината длабока ранливост на хибридни напади и дезинформации, ги подели гласачите, ги урна пазарите и го загрози инвестицискиот рејтинг на земјата.