Во вистинско италијанско дерби, Наполи успеа да го совлада лутиот ривал Јувентус со 2-1 на стадионот „Диего Армандо Марадона“. Со оваа победа, екипата на Антонио Конте се врати на врвот на табелата во Серија А, нанесувајќи му го првиот пораз на поранешниот тренер Лучијано Спалети.
Хејлунд двоен стрелец, Наполи доминираше
Расмус Хејлунд беше херојот на вечерта со два гола. Данецот го отвори резултатот уште во 7-мата минута, а по израмнувањето на Јилдиз во 59-тата, повторно стапи на сцена во 78-мата минута за да ја донесе победата.

Елиф Елмас: Диригент во срцето на средниот ред
Но, за нас најважната вест доаѓа од средниот ред. Елиф Елмас одигра цели 90 минути и беше еден од клучните фактори за доминацијата на Наполи. Македонскиот „дијамант“, кој доби шанса поради повредите на Лоботка и Ангиса, потсети на своите најдобри денови. Неговата енергија, движење и сигурност во подавањата беа од витално значење за контролата на играта против силниот среден ред на Јуве.
Ова е огромно охрабрување, не само за Конте, туку и за македонската репрезентација. Да се види Елмас како игра цел натпревар во вакво дерби со таков интензитет, значи дека тој полека но сигурно се враќа во својата препознатлива форма. Токму ваков Елмас ни е потребен!
Со оваа победа, Наполи сега има 28 бода и е осамен на врвот, еден бод пред Интер.