Вистински шок и хаос го потресе „Сантијаго Бернабеу“ откако Реал Мадрид доживеа непријатен пораз од Селта Виго (0-2) во Ла Лига, комплетирајќи го мечот со само девет играчи на теренот. Овој пораз не само што го зголеми притисокот врз тренерот Чаби Алонсо, туку ја зголеми и предноста на лидерот Барселона на четири бода.
За Селта, ова е прва победа над „Кралевите“ во Ла Лига од мај 2014 година, со што ставија крај на серија од 22 натпревари без победа.
Шокантен погодок и црн ден за одбраната
Иако Реал Мадрид во првиот дел имаше неколку големи шанси преку Џуд Белингем, Килијан Мбапе и Арда Гулер (кој од 10 метри промаши празен гол), промашувањата беа скапо казнети во вториот дел.
Во 52. минута, резервистот на Селта, Виљот Сведберг, го постигна својот прв гол сезонава. По одличната тимска акција, Швеѓанецот со маестрална „пета“ ја смести топката во долниот агол, носејќи неочекувано водство за гостите.
Две црвени картони за тотален распад
Работите тргнаа од лошо на полошо за Реал во 64. минута, кога Фран Гарсија заработи два жолти картони за само една минута и беше исклучен. Левиот бек, кој веќе беше под притисок, направи невнимателен старт врз Сведберг, оставајќи го судијата без избор.
Колапсот беше комплетиран во 92. минута, кога и резервистот Алваро Карерас доби два брзи жолти картони, при што вториот беше за непристоен јазик и протести.
Само што Карерас го напушти теренот, Сведберг ја искористи деорганизацијата во одбраната на Реал, го заобиколи Тибо Куртоа и ја прошета топката во мрежата за конечни 0-2.
Притисок за Алонсо и тежок удар од повреди
Овој пораз е сериозен удар за Реал Мадрид и за Чаби Алонсо. Тренерот, кој веќе имаше разговори со претседателот Флорентино Перез за падот во формата, сега се соочува со уште поголеми проблеми.
Во Ла Лига Реал заостанува четири бода зад Барселона, која сега има сериозна предност во борбата за титулата. Покрај ова, Алонсо мака мачи и со повредите.
Дополнително на отсуството на Трент Александар-Арнолд, во 23. минута теренот го напушти и дефанзивецот Едер Милитао поради сомнеж за повреда на задната ложа, што е уште еден удар за одбраната на тимот.
Сега, целиот фокус на Реал Мадрид се префрла на најважниот меч досега сезонава – големиот судир во Лигата на шампионите во среда, кога на „Бернабеу“ гостува Манчестер Сити.