Ако сме милостиви, тогаш зошто има толку суровост меѓу нас? Зошто творечкиот збор го претворивме во оружје за ad hominem напади? Зошто, наместо да се сплотиме, ние се поделивме околу најважните прашања од национален интерес? Меѓу последните сме во Европа по нивото на волонтерство и имаме епидемија на малодушност и рамнодушност, вклучително и кон лични и колективни трагедии.
Свесна сум дека, делумно, овие состојби се должат и на децениските неправди со кои се соочуваме како народ и како држава, особено во нашите евроинтеграции. Неправдата раѓа огорченост, гнев, недоверба, песимизам и цинизам. А сето тоа ги поткопува темелите на македонското општество. Токму примерот на Св. Климент нè поучува на отпор против овие појави, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во нејзиниот говор на Свечената академија по повод државниот празник „Св. Климент Охридски“, којашто под нејзино покровителство се одржа во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје.
Кога општеството го губи компасот, завладуваат стресот и депресијата
„Кога општеството го губи својот заеднички морален компас и тоне во аномија, поединците остануваат без структура којашто им помага да се снајдат во хаосот. Последиците се растечки стрес, депресија и зголемена употреба на лекови за смирување, за потиснување на таа јанsа којашто најсилно ги погодува младите и особено девојките. Ова не се мои зборови, туку заклучоци до кои пред повеќе од еден век дошол Емил Диркем, таткото на социологијата. Диркем учел дека без „заеднички систем на идеи, вредности и цели што нè обединуваат, општеството се сведува на купче песок што и најслабиот ветар може да го разнесе“. Без заедничка цел, нема ниту вистинска заедница, туку разединети групи поделени врз политички, етнички, верски или други основи“, порача таа.
Претседателката порача дека мора да се спречи расцепувањето на општеството со учење на доблестите потребни за опстанок на заедницата и одење кон заедничка повисока цел – преку владеење на правото и борба против корупцијата, преку социјална правда и заемна грижа.
„Пред нас е голема задача: да ја спречиме фрагментацијата на македонското општество со тоа што одново ќе ги научиме доблестите коишто ја одржуваат заедницата. Како и во Климентовото време и нам ни е потребна заедничка, повисока цел, околу која ќе градиме односи и ќе премостуваме разлики. Преку владеење на правото и борба против корупцијата, преку социјална правда и заемна грижа да го обновиме општествениот договор на слободни граѓани, еднакви пред законот, сплотени околу општото добро“, порача Сиљановска – Давкова.
Младите созреваат со мобилен во раката, без социјализација
Голем дел од нејзиниот говор, таа посвети и на отуѓеноста на младите фатени во пајажината на дигиталниот свет.
„Дали имаме мир кога пред очи ни созрева анксиозна генерација израсната со мобилен в рака, следејќи го правилото „постирам, значи постојам“? Социјалниот психолог Џонатан Хајд предупредува дека оваа зависност го троши времето, го фрагментира вниманието, ја ослабува социјализацијата и го нарушува сонот на нашите деца. Велиме дека младите се нашата иднина, а дозволуваме алгоритмите да им изберат инфлуенсери коишто ќе ги формираат нивните карактери.
Залутани во виртуелните лавиринти, многумина се изолираат, поларизираат и отуѓуваат. Вештачката интелигенција ги засилува овие ефекти, всадувајќи чувство на нееднаквост и заменливост. Значи покрај добрата страна, може да има и лоша. Ова се случува во најкритичниот период, додека младите се изградуваат во личности, подготвувајќи се да преземат одговорност за своите животи.
Не го вперувам прстот кон младите бидејќи на почетокот тие се натпреваруваа со нашите мобилни телефони за НАШЕТО целосно внимание. Ете, дојде време кога ние, родителите и наставниците се натпреваруваме со мобилните телефони на децата и на учениците за НИВНОТО целосно внимание. Ова е меѓугенерациско отуѓување.
Не застапувам дигитален аскетизам. Дигитализацијата ни е неопходна за да бидеме развиена европска држава со квалитетни и со транспарентни јавни услуги, со конкурентна економија и современо, европско образование насочено кон истражување и развој. Но сето тоа треба да биде поткрепено со дигитална писменост и со одговорна употреба на технологијата. Во спротивно ќе се сведеме на дезориентирани конзументи на видеократијата и спектакл-демократијата“,порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во нејзиниот говор на Свечената академија пред државниот и верскиот врв на земјава.
Да ја направиме македонската држава пристојно место за живеење
Своето инспиративно излагање, претседателката го заврши со цитат од Свети Климент Римски и повик да се натпреваруваме во добрина и служење.
„Во едно свое писмо, Климент Римски предупредува на опасноста од поделбите и ја нагласува важноста на единството. Кога зборува за карактерот на заедницата, тој вели: „Длабок и богат мир им беше даруван на сите со непоколеблива ревност за правење добро“. Тоа е порака и за нас денес. Да се натпреваруваме во добрина, служејќи ѝ на заедницата, служејќи му на општеството. И со тоа, да ја направиме македонската држава пристојно место за живеење“, порача во завршницата претседателката Сиљановска-Давкова.
#tdi_1 .td-doubleSlider-2 .td-item1 {
background: url(https://netpress.com.mk/wp-content/uploads/2025/12/Gordana-Siljanovska-Davkova-akademija-za-Sveti-Kliment-hor-7dek25-80×60.jpeg) 0 0 no-repeat;
}
#tdi_1 .td-doubleSlider-2 .td-item2 {
background: url(https://netpress.com.mk/wp-content/uploads/2025/12/Gordana-Siljanovska-Davkova-akademija-za-Sveti-Kliment-GG-Stefan-7dek25-80×60.jpeg) 0 0 no-repeat;
}
#tdi_1 .td-doubleSlider-2 .td-item3 {
background: url(https://netpress.com.mk/wp-content/uploads/2025/12/Gordana-Siljanovska-Davkova-akademija-za-Sveti-Kliment-aplauz-7dek25-80×60.jpeg) 0 0 no-repeat;
}
#tdi_1 .td-doubleSlider-2 .td-item4 {
background: url(https://netpress.com.mk/wp-content/uploads/2025/12/Gordana-Siljanovska-Davkova-akademija-za-Sveti-Kliment-1-7dek25-80×60.jpeg) 0 0 no-repeat;
}
The post Да се натпреваруваме во добрина, служејќи ѝ на заедницата, да ја направиме македонската држава пристојно место за живеење appeared first on NetPress.



