Еден од највпечатливите и најавтентични гласови на македонската фолк сцена, Наум Петрески, денес го одбележува својот роденден. Роден на 7 декември 1966 година во Охрид, Петрески израснал во Лабуништа – местото кое силно влијаело врз неговата музичка идентификација и врз љубовта кон македонското фолклорно наследство.
Музичката приказна на Наум започнува уште во детството, а првиот јавен настап го имал на само седум години, претставувајќи ја Македонија на меѓународна фолклорна смотра во Загреб. Професионално во музиката влегува во 1990 година, а само една година подоцна го постигнува еден од најголемите успеси во историјата на Валандовскиот фестивал со песната „Има ли песна“, освојувајќи четири награди – од публика, жири, за интерпретација и награда за најдобар дебитант.
Својата кариера ја гради со бројни фестивалски настапи, концерти и турнеи ширум светот. Добитник е на десетици признанија, благодарници и плакети, а неговите песни одамна се дел од македонскиот музички идентитет. Меѓу најпознатите се „Жал за Деспина“, „Има ли песна“, „Лазарополе“, „Љубов голема“ и многу други.
Петрески има остварено значајни дуети со некои од најголемите имиња на македонската музика – Виолета Томовска, Есма Реџепова, Сузана Спасовска, Росана Тодоровска, Зуица Лазова, па дури и со неговата ќерка Анастасија Петреска.
Еден од најзначајните проекти во неговата кариера е „Македонска чалгија“, во кој учествувал со 45 песни на шест албуми. Настапувал и на престижни настани во странство, меѓу кои отворање на македонски културни центри и настап во Сиднејската опера.
До денес има издадено две касети и три студиски албуми, како и заедничко издание со етно групата Синтезис. Неговите солистички концерти, од првиот во 1992 година до последниот во 2022, секогаш предизвикуваат огромен интерес.
Наум Петрески е оженет со фолк пејачката Зуица Лазова, со која живее во Скопје.
Редакцијата му посакува долг живот, здравје и уште многу убави песни што ќе ја збогатуваат македонската музичка традиција.