Фудбалерите на Наполи се искачија на врвот на табелата во италијанското првенство со победата од 2:1 на домашен терен во последниот неделен натпревар од 14-то коло против Јувентус.
Херој на победата на шампионот беше Хојлунд, кој ги постигна двата гола за Наполи, првиот за 1:0 уште во 7. минута и вториот за 2:1 во 78., додека Јилдиз постигна гол за Јувентус во 58. минута.
Наполи сега има 31 бод, еден повеќе од второпласираниот Интер и три повеќе од третопласираниот Милан, кој гостува во Торино во понеделник. Јувентус е седми со 23 бода.
Претходно во неделата фудбалерите на Каљари ја прекинаа серијата од девет натпревари без победа во италијанското првенство со победа од 1:0 на домашен терен против Рома. Клубот од Сардинија дојде до трите бода со голот на Гаетано во 82. минута.
Со оваа победа Каљари стигна до 13-то место со 14 бода, четири повеќе од 18-то место кое води во понизок ранг а го држи Пиза, додека Рома ја пропушти шансата да го стигне Интер на врвот на табелата, остана четврта со 27 бода.
Лацио и Болоња одиграа 1:1 во првиот неделен натпревар. Исаксен во 38. минута им донесе водство на домашните, но само две минути подоцна озрамни Одгард.
Петтата Болоња сега има 25 бода, а десеттата Лацио 19.