Територијата на државата и во текот на наредната седмица ќе остане под влијание на силен антициклон и релативно топла воздушна маса од јужните предели, што ќе услови значително повисоки температури од вообичаените за овој период од годината. Според проценките на Метеоаларм, дневните температури ќе бидат за околу, а на места и над 10 степени повисоки од просекот, со максимум кој локално ќе достигне речиси 20 степени.
Иако деновите ќе бидат невообичаено топли, утринските часови ќе останат постудени, со минимални температури околу или неколку степени под нулата.
Стабилната атмосфера, слаб ветер и висок воздушен притисок ќе создадат услови за појава на магла и ниска облачност во котлините. На поединечни места маглата ќе биде густа и ќе се задржува во текот на целиот ден, што локално ќе резултира со пониски дневни температури. Скопската котлина исто така ќе биде подложна на чести магливи периоди, особено наутро и навечер.
Според актуелните метеоролошки модели, барем до 20 декември нема изгледи за зимски услови ниту за појава на снег, па така зимското време засега се одложува.
Во изминатите 24 часа земјата беше зафатена од влажен бран од југ кој донесе дожд низ сите региони, најмногу во западните и јужните подрачја. На планините над 1700–1800 метри дождот преминуваше во снег. Најголеми количини дожд се измерени во Маврово, каде до утринава во 7 часот се регистрирани 30 литри на метар квадратен.