Во интервју за „Република“, началникот на СВР Скопје, Сашо Топаловски, потсети дека жолтото светло не значи дозвола за забрзување и поминување, туку сигнал за подготовка за запирање. Тој истакна дека речиси сите скопски раскрсници имаат трепкачко зелено светло кое трипати најавува дека следува жолто.
Топаловски појаснува дека законот е јасен: кога ќе се појави жолтото светло, возачот треба да започне со сопирање. Исклучок е единствено ситуацијата кога возилото веќе е во минување на раскрсницата во моментот кога зеленото преминува во жолто — тогаш камерите нема да регистрираат прекршок.
„Камерите имаат прецизно дефинирана зона. За да се констатира прекршок, регистрацијата на возилото мора да се забележи во раскрсницата додека свети црвено. Тоа е непобитен доказ,“ објасни Топаловски.
Тој предупреди дека поминувањето на жолто создава опасни ситуации, особено ако истото го направи и возач од спротивната насока. Поради тоа, како што нагласи, правилото останува: на жолто се кочи и се подготвува за следното зелено.