Најдобрата тенисерка во светот, Арина Сабаленка, даде краток коментар, споделувајќи ги своите очекувања за натпреварот против австралискиот тенисер Ник Кирјос во „Битката на половите“ на 28-ми декември во Дуваи.
„Знам дека ќе го добијам овој натпревар“, речеБелорусинката.
Арина е на првото место на женската ВТА ранг-листа, додека Кирјос моментно е на 668-мо место на АТП листата. Кирјос во август рече Сабаленка не може да го победи, и дека не му е потребно да даде 100 проценти од своите можности за да ја совлада.
На дуелот на Сабаленка и Кирјос, ќе има две специјални правила: половината од теренот на Сабаленка ќе биде помал за 9 проценти затоа што во просек толкава е разликата во брзината со која мажите удираат посилно од жените, и двајцата ќе имаат само по еден сервис, а не два, значи ако по сервис топчето оди во аут или мрежа, нема втора шанса.
Инаку првите „дуели на половите“ беа во 1973 година кога Били Џин Кинг (тогаш 29-годишна) го победи 55-годишниот Боби Ригс (победник на Вимблдон од 1939 година), а Ригс успеа да ја победи тогашната број 1, Маргарет Корт. Последен пат тениска битка на маж против жена имаше во 1992 кога Џими Конорс на 40 години ја победи тогаш 35-годишната Мартина Навратилова.
Кирјос кој во 2022 беше финалист на Вимблдон, а сега се мачи со повреди и официјален меч нема играно уште од март, во минатото ги критикуваше тенисерките, и тврдеше дека не можат да вратат сервис од маж.