Еден од приоритетите на новата влада е вложувањето во инфраструктурата, вклучително и железничкиот сообраќај, како товарен така и патнички. Покрај набавката на нови локомотиви и вагони, значајна инвестиција е обновата на железничката станица во Скопје, која ќе ја врати својата функција од пред 15-20 години, кога објектот се руинираше и стана нефункционален.
Почна чистењето и средувањето на станицата, информираше директорот на Железница Инфраструктура, Синиша Ивановски. „Со цел враќање на автентичниот изглед на станицата, започнавме со отстранување на сите билборди, светлосни реклами и други информативни панели кои години наназад го нарушуваа изгледот на објектот“, напиша Ивановски на својата Фејсбук страница и им се заблагодари на компаниите кои се согласиле да ги тргнат билбордите.
Проектот ќе се реализира во фази и ќе заврши со генерално чистење на надворешниот изглед на станицата и поставување соодветна илуминација.