Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна на „Даунинг стрит“ на состанок со британскиот премиер Кир Стармер.
Францускиот претседател Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц се исто така на состанокот во знак на „европско единство“.
Стармер рече дека за секој договор за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина ќе бидат потребни „цврсти“ безбедносни гаранции за да се спречи Владимир Путин да го рестартира конфликтот.
Средбата доаѓа во време кога Доналд Трамп ги засили критиките кон украинскиот претседател, обвинувајќи го дека не го прочитал најновиот мировен план.
Американскиот претседател додаде дека е „малку разочаран“ од Зеленски, посочувајќи дека Путин е „задоволен“ со неговите предлози.
Пред почетокот на разговорите во Лондон, Стармер рече дека Путин ќе „почитува“ само договор кој има „цврсти безбедносни гаранции зад себе“.
„Важно е да имаме предвид дека овој конфликт е стар речиси четири години, дека Русија е агресор и затоа, ако треба да има прекин на огнот, тој мора да биде праведен“, истакна Стармер.
„Бидејќи Украина претрпе тешки, тешки загуби и плати многу висока цена за војна која не беше нивна иницијатива – но исто така прекинот на огнот мора да биде траен, бидејќи знаеме дека Путин не ги почитува договорите што немаат цврсти безбедносни гаранции зад себе, па затоа на тоа ќе се фокусираме“.

Посетата на Зеленски на Лондон доаѓа откако неговите претставници завршија тридневни разговори со нивните американски колеги за тие предлози, додека Белата куќа врши притисок врз Киев да прифати договор.
Во текот на викендот, Зеленски рече дека разговарал за „следните чекори“ со советниците на Доналд Трамп и дека е „решен да продолжи да работи со добра волја“.
Но, преговарачите, исто така, признаа дека секој „вистински напредок“ ќе зависи „од подготвеноста на Русија да покаже сериозна посветеност на долгорочен мир“.
И покрај тоа што Белата куќа ги критикуваше европските лидери за „нереални очекувања“ во врска со војната, Стармер му оддаде почит на американскиот претседател.
„Никогаш не можете да стигнете од конфликт до мир по лесен, директен пат“, рече тој.
Украина и нејзините европски сојузници веројатно ќе инсистираат секое примирје да доаѓа со безбедносни гаранции и од САД и од „коалицијата на добронамерните“ свикана од Велика Британија и Франција, а истовремено ќе се спротивстават на какво било префрлање на територија на Русија.
Стармер постојано повторува дека на Украина мора да ѝ се дозволи сама да ја одреди својата иднина.
Но, Русија постојано ја отфрла можноста „сојузнички трупи“ да бидат стационирани во Украина и продолжува да бара големи делови од украинската територија во замена за мир.
Средбата во понеделник доаѓа и по објавувањето на новата стратегија за национална безбедност на САД, која подобрувањето на односите со Москва го направи еден од главните приоритети на Вашингтон.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го поздрави документот, велејќи дека е во голема мера во согласност со сопствената визија на Москва.
Во неделата Трамп им рече на новинарите дека Зеленски „не е подготвен“ да го потпише мировниот предлог, составен од САД.
„Малку сум разочаран што претседателот Зеленски сè уште не го прочитал предлогот, кој беше објавен пред неколку часа, рече тој.
„Русија, верувам, е согласна со тоа, но не сум сигурен дека Зеленски е согласен со тоа. Неговиот народ го сака. Но, тој не е подготвен“.
Германија е „скептична“ во врска со некои предлози на САД, забележува Мерц, но Европа „има карти во рацете“, вели Макрон
Зеленски ја истакна важноста на единството меѓу Европа, Украина и САД. Кажа дека има работи „кои не можеме да ги управуваме без Американците… не можеме да ги управуваме без Европа“.
Макрон посоли дека „сите ја поддржуваме Украина и мирот“ и додаде дека ЕУ „има многу карти во рацете“, додека зборува за опциите за Европа и руската економија.
Мерц истакна дека „ова би можеле да бидат одлучувачки“ денови „за сите нас“ за Украина. Додаде дека судбината на Украина е судбина на Европа. Истакна декае „скептичен“ во врска со „некои од деталите што доаѓаат во документите од американската страна“ и дека за тоа сака да разговара со другите лидери.
Разговорите продолжија зад затворени врати.
Трамп не е сигурен дали Зеленски го поддржува новиот американски мировен предлог за Украина