Каде е криминалот во откритието на aнтикорупцискиот тим на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) дека директорот на владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, е редовен донатор на ВМРО-ДПМНЕ, прашуваат денеска од владејачката партија.
На денешната прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на Централниот комитет на владејачката партија, рече дека обвинувањата за наводни злоупотреби од страна на Томовски, односно дека негова семејна фирма добила 161 тендер од 5,3 милиони евра, се политички конструкции на СДСМ, што не содржат доказ за каков било прекршок.
„Тимот за одбрана на криминалот на Заев и Филипче, што го претставуваат како антикорупциски тим, мислат дека сега ја открија Америка. Податоците од големото откритие дека Томовски е донатор на ВМРО-ДПМНЕ, како и илјадници други, се јавно достапни. Прашањето е каде е тука криминалот. Јасно е дека нема“,рече тој.
Според него, наместо текстовите да им ги пишува поранешниот лидер на партијата, Зоран Заев, од Дубаи, добро е прво да ги проверат информациите од релевантни и стручни лица.
„Тие ќе им кажат дека ваквата реторика освен правење димна завеса за прикривање на криминалот на Зоран Заев, нема никаква друга релевантност“, кажа Манасиевски.
Потоа се осврна на обвинувањата на СДСМ дека семејна фирма на Томовски добила милионски тендери, посочувајќи дека сето тоа се лаги, а вистината е дека тој нема фирма и нема никакви приходи од споменатата компанија, која и самата тоа го потврдила.
„СДС велеа дека главниот број на фирмата е бројот на Томовски. Вистината е дека службените броеви на компанијата се други, а личниот број на Томовски е негов со години. Потоа, тврдат дека тој бил донатор на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа било потврда оти имал бизниси. Вистината е дека тоа е јавен и никогаш скриен податок, а тоа не е кршење на каков било закон“, вели тој.
Со тие обвинувања, како што додаде, се потврдува дека СДСМ пласира лаги.
„Но, го прашуваме Венко дали не е криминал тоа што додека тој е министер, негов министер и колега, вицепремиерот Кочо Анѓушев, му ги градеше модуларните болници, од кои една се запали и загинаа 14 наши сограѓани“, додаде Манасиевски.
Праша кога тимот за одбрана на криминалот на Венко и Заев ќе го испита овој случај.
The post Каде е криминалот во откритието на СДСМ дека Томовски е редовен донатор на партијата appeared first on NetPress.