На Украина ѝ недостигаат околу 800 милиони долари за да купи американско оружје до крајот на оваа година со помош на европските сојузници, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во понеделникот. Тој додаде дека на Украина ќе ѝ бидат потребни околу 15 милијарди долари следната година за програмата PURL, која вклучува купување американско оружје со европски пари.
По разговорите во Лондон со лидерите на Франција, Германија и Велика Британија, Зеленски рече дека Украина ќе им претстави на Соединетите Американски Држави ревидиран мировен план во вторник за завршување на војната. Украинскиот претседател им рекол на новинарите дека ревидираниот план содржи 20 точки, но дека сè уште нема договор за откажување од територија, на што инсистира Москва.
Соединетите држави, во принцип, се фокусирани на наоѓање компромис. Постојат сложени прашања поврзани со територијата, но таму сè уште не е пронајден компромис, рече Зеленски.
Тој го повтори својот често изјавуван став дека Украина не може да се откаже од ниту еден дел од својата земја.
„Ние стоиме зад Украина и, ако ќе има прекин на огнот, тој мора да биде праведен и траен“, рече британскиот премиер Кир Стармер откако ги пречека лидерите во неговата резиденција на Даунинг стрит.
Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, исто така, изразија решеност да продолжат со цврст план, што Мерц го опиша како „одлучувачки за сите“.
Зеленски укажа на „деликатниот баланс“ што европските сили мора да го постигнат додека се обидуваат да преговараат за подобри услови за предложениот американски план.
„Постојат некои работи што не можеме да ги решиме без Американците и без Европа, па затоа мора да донесеме некои важни одлуки“, заклучи тој.