2 минути за читање
По Ковид пандемијата, македонското општество се соочува со „епидемија“ на семејно насилство, вели претседателката на НВО „ЕХО“, Бети Пеева. Таа посочува дека за 11 месеци само во Штип се регистрирани три случаи на фемицид, а статистиката за насилство врз жени е уште позагрижувачка.
– Конкретно кај нас во организацијата, која веќе 23 години работи во оваа област, се пријавени од Штип и околината, а има и од источниот дел, вкупно 109 случаи на насилство врз жени и деца, односно, девојчиња и ова е навистина загрижувачки факт.
Ова е бројка само од овој дел, инаку „ЕХО“ работи и во Пелагонискиот и Југоисточниот регион и ако ги собереме и тие бројки, доаѓаме до некоја бројка од 180 случаи оваа година, а годината се уште не е завршена – изјави Пеева.
Таа додаде дека законската регулатива за заштита на жртвите на семејно насилство е солидна, постои и мултисекторска соработка, но понекогаш затајуваат институциите, односно се доцни со процедурите.
Граѓанските организации кои работат на ова тематика веќе подолг временски период предлагаат промена на членот 130, став 2 од Кривичниот законик, односно насилникот да не се гони по предлог на жртвата, туку по службена должност.
– Жртвата се плаши од самиот сторител, дека доколку даде нејзина согласност за кривично гонење, во меѓувреме, додека да завршат процедурите и додека да се санкционира сторителот, може да се случат уште погрозоморни дела, посочува Пеева.
Изминатите денови во источниот регион се реализираа низа на работилници и средби во рамки на кампањата 16 дена активизам против насилство врз жените.
Извор и Фото: МИА