Драмата со Мо Салах и клубот се продлабочува сè повеќе како што поминуваат деновите, а најновите информации околу сагата доаѓаат од тренерот Арне Слот кој зборуваше на прес конференцијата пред мечот од Лигата на шампионите.
Бидејќи коментарите на ѕвездата од Ливерпул дека клубот „го фрлил под автобус“ предизвикаа лавина коментари, новинарите целиот фокус го ставија на тоа, па нормално следуваа бројни прашања.
„Не знам што точно мислеше тој, ниту зошто го кажа тоа или на кого точно се однесуваа коментарите. Не разговаравме уште за тоа“, изјави Слот. Но, тој додаде и дека „најчесто е смирен и учтив, но тоа не треба да се помеша со тоа дека е слаб“.
„Ако играчот каже такви работи за толку многу работи, тогаш јас како тренер и ние како клуб мора да изреагираме на тоа. И како што гледате, тој не е тука“, додаде Холанѓанецот.
Салах беше изоставен од тимот и не отпатува во Италија каде Ливерпул ќе се сретне со Интер, а сега под знак прашање е и неговиот понатамошен настап за клубот.
„Тој има право да каже што мисли и да образложи зошто се чувствува така, но нема право да го зборува тоа пред медиумите. Односно има право, но имаме тогаш и ние право да изреагираме на тоа“, вели Слот.
Но, најголема загриженост кај фановите на Египќанецот предизвика одговорот на прашањето „дали тој повторно ќе игра за Ливерпул?“, на што тренерот само кратко одговори: „Немам појма“.
На конференцијата беше присутен и Алисон, кој исто така беше запрашан за ситуацијата во клубот после коментарите: „Тоа што тој не е со нас тука е последица на тоа што го направи и тој многу добро го знае тоа. Немам уште разговарано со него, но планирам да го направам тоа. Но, секако дека нема да го споделам со медиумите, тоа ќе биде приватно“.
Целата прес-конференција можете да ја погледнете подолу: