Вицепремиерот и идниот министер за европски прашања, Беким Сали, е избран за вршител на должност претседател на Алтернатива, по оставката на долгодишниот лидер Зеќирија Ибрахими на Централното собрание на партијата.
Ибрахими образложи дека се повлекува поради лични политички убедувања и уверување дека партијата и коалицијата ВЛЕН имаат потреба од нова енергија и ново раководство. Тој наведе дека планирал да не се кандидира на редовниот конгрес во март или април 2026 година, но динамиката во рамките на ВЛЕН го забрзала процесот.
Со силна поддршка од органите на партијата, за привремен лидер беше избран Беким Сали, долгогодишен соработник на Ибрахими, кој ќе го води партиското работење до одржувањето на конгресот.
Во својата објава, Ибрахими се осврна на 11-годишното политичко делување, нагласувајќи дека заминувањето не е резултат на незадоволство, туку на потребата за „втора етапа“ во политичката организација на Албанците во земјата. Според него, младите треба да добијат поголемо влијание, а во Алтернатива веќе се промовирани нови лица кои може да станат идни лидери.
Тој изрази благодарност до соработниците, членството и партнерите од ВЛЕН, како и до своето семејство, упатувајќи и барање за прошка до сите што можеби ги повредил во политичките дебати. Ибрахими останува активен во партијата и во коалицијата, со фокус на едукација на младите и пренесување на своето политичко искуство.